Планинарски марш за 148-годишнината од Разловечкото востание

Планинарскиот спортски клуб Голак од Делчево го реализираше традиционалниот планинарски марш по повод 148 години од Разловечкото востание (20 мај 1876 година) и 24 Мај – Св.Кирил и Методиј. Маршот како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски се одвивал во должина од 9 километри.

-Маршот се одвиваше според следната маршрута: Село Тработивиште (Пијанечка котлина) 650 м.н.в. – Свети Води (падини на планината Средна) 730 м.н.в. – Село Разловци (падини на планината Обозна) 690 м.н.в. во вкупна должина од 9 километри која е лесна планинарска патека, рече Чучуковски.

За ПСК ,,Голак” како клуб како што додаде ова е многу значајна маршута од две причини.

-Прва причина е што на дел од патеката во 1876 година, главниот организатор Поп Стојан од Разловци го водел Разловечкото востание – првото вооружено востание против Отоманското ропство. Второ кај месноста Светите води 730 м.н.в.каде непрекинато течат три извори со вода посветени на Св.Богородица, Св.Недела, Св.Петка на падините на планината Средна, научната фела тврди дека овде се наоѓа испосничката ќелија во која браќата Св.Кирил и Методиј ја напишале Глаголицата.

Во близина над самиот локалитет се наоѓаат разни остатоци од стари градби, за што исто така научната фела тврди дека овде се наоѓа некогашниот Равен Град. Интересно е тоа што од овде во дијаметар од околу 500 метри се наоѓаат границите на планини Голак, Средна, Обозна под кои тече река Брегалница. Затоа и во иднина, планираме овие настани да ги подржуваме и најбитно да ги посетуваме и промовираме, додаде Чучуковски.

Во рамки на маршот младинските лидери Искра Георгиевска и Давид Златковски биле задолжени да ги предводат останатите младинци Мартин Спасевски, Филип Стефановски, Максим Стефановски, Ана Ивановска, Сара Ангелова, Дарио Гоцевски.

Младинките Искра Георгиевска и Сара Ангелова, во рамки на маршрутата читаа текстови за Светите Води, како и за Спомен домот на Разловечкото востание во село Разловци, а сатиричарот Миле Ѓорѓијоски заедно со Христина Деолска, приредил мала точка од сатирата, како и мала изложба на сатирични цртежи за што од клубот му изразија благодарност.

-Нашиот член Влатко Ситновски, прочита своја пишана стихотворба за Поп Стојан Разлошки, за што му благодариме. Благодарност упатуваме до Ванчо Чарли – најголемиот гитарист во општина Делчево, во позната рок група Црни Орли од Разловци, кој срдечно не пречека во спомен домот Разловечкото востание, каде не запозна со поставката за Разловечкото Востание како и самиот дом. Научната установа центар за култура Н.Ј.Вапцаров Делчево, кој е еден од организаторите на манифестација Разловечко востание, ни го обезбеди превозот Муци Транс од ДЕЛЧЕВО, за што им благодариме. Како и секогаш така и денес, голема логистика ни беа Трајче Димитровски и Емилија Тричковска за што им благодариме, додаде Чучуковски.

Претседателот на ПСК Голак Делчево, попатно ги запознал младите за географските поими, топоними и локации со што планинарите имале еден преубаво поминат позитивен ден со максимално позитивни луѓе.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*