Мини интервју со организаторите на Фрут Фест, прв македонски фестивал на жива растителна храна

Здружението за одржлив развој на заедницата „Виталност” од Делчево е организатор на првиот Македонски фестивал на жива растителна храна, кој ќе се одржи во Хотел Дишли во с. Радожда, Струга, на самиот брег на Охридското Езеро, од 11-15 септември 2024 г.

Жива растителна храна подразбира свежа, термички необработена храна, од растително потекло, односно овошје, зеленчук и јатки. Оваа храна овозможува целосно да ги искористиме сите витамини и минерали кои ги конзумираме.

Според организаторите, бенефитот од живата растителна храна е видлив скоро веднаш, односно веќе после 3 недели исхрана со жива растителна храна, резултати се видливи.

Организатори на фестивалот се Симона Христовска и Горан Христовски, брат и сестра од Делчево, кои веќе подолг период применуваат исхрана со жива растителна храна.

Делчево365: Како почнавте со исхрана од жива растителна храна?

Симона: Во почетокот на 2022 година, заедно со моето семејство направивме промена во исхраната, односно започнавме да консумираме свежа или сурова храна. Тоа беше периодот кога се уште владееше познатиот вирус, период за кој знаеме сите какво вијание имаше кај сите. Од едни пријатели дознав за книгата на Ален Додик „Излечете се сами”, која ни беше вовед во живата растителна храна, еден извор на знаење за тоа како исхраната влијае на здравјето на луѓето, односно како храната влијае на секој орган од нашето тело.

Тоа беше нешто ново за нас како семејство, посебно во периодот во кој и моите родители не беа имуни. Причина плус да почнеме со новиот начин на исхрана. За 3 недели ги почувствувавме бенефитите од храна, имавме повеќе енергија, помирен сон, почна да се регулира телесната тежина, регулиран крвен притисок, па така решивме пробниот период од 3 недели да со замениме со еден нов пат, пат со поголемо практично знаење за тоа како да го оптимизираме своето здравје на долгорочен план.

Делчево365: Од каде идејата да организирате фестивал на жива растителна храна?

Горан: Секоја година, во голем број на земји ширум светот, се одржуваат т.н.фрутфестивали (Fruit Festival), односно фестивали на овошјето, каде се споделуваат бенефитите на живата растителна храна. Иако се именувани фестивали на овошјето, бидејќи овошјето е застапено во најголем процент во оваа исхрана, овие настани промовираат исхрана со овошје, зеленчук и јатки, термички необработени. Покрај промовирањето, се споделуваат искуства, се одржуваат предавања и презентации од бенефитите од овој вид на исхрана, се споделуваат рецепти и начин на подготовка на храната, со една цел: подобрување на здравјето на луѓето на природен начин.

Симона беше на таков фестивал во Англија минатата година, а јас бев во Србија, па по тие примери решивме да организираме и кај нас таков фестивал, каде луѓето ќе научат како и зошто се конзумира свежа растителна храна, кои се бенефитите и како самите можеме да си помогнеме.

Делчево365: Каква е програмата на фестивалот?

Симона: Програмата има повеќе содржини кои се од едукативен и забавен карактер, а дел е посветен и на физичката активност, всушност деновите започнуваат со раздвижување на телото преку фитнес часови или јога. Потоа се продолжува со едукативни предавања, од предавачи со повеќегодишно искуство со исхрана на жива растителна храна, а главен предавач ќе биде др. Даглас Грем, творецот на филозофијата 80/10/10, човекот кој веќе 40 години практикува исхрана со свежа растителна храна и работи со врвни спортисти и со луѓе кои сакаат да ја остварат својата лична цел.

Др. Даглас Грем, главен фокус става на здравјето и како можете да постигнете резултати за оптимално здравје и тој со свој пример го покажува тоа. Сепак во целиот процес, најбитна е едукацијата, за да знаеме како оптимално да го примениме наученото.

Покрај едукативните предавања, огромно внимание е посветено на храната, природно одгледана, култивирана специјално за фестивалот, каде сите ќе можат да ја вкусат убавината на македонското овошје и зеленчук.

Делчево365: Кој ќе ги спроведува обуките на фестивалот?

Горан: Главен предавач ќе биде др. Даглас Грем, и признат како еден од основачите на движењето за жива растителна храна, д-р Грем е единствениот предавач што присуствувал и одржал завршни презентации на сите големи фестивали за жива растителна храна во светот, во последните осум последователни години.Д-р Даглас Грем е долгогодишен спортист, промотер и практикува исхрана со жива растителна храна уште од 1978 година. Тој е советник на познати и мотивирани спортисти и тренери од целиот свет.Д-р Грем е автор на многу книги за здравје и сурова храна вклучувајќи Исхрана 80/10/10, Водич за рецепти за диета со висока енергија, Исхрана и атлетски перформанси, Оштетувања од жито, Превенција и нега на атлетски повреди и неговиот најнов наслов, Perpetual Health 365.

На фестивалот презентации ќе одржат и Рафаел Реш од Австрија и Хариет Кјаер од Шпанија. Рафаел ја спроведува исхраната 80/10/10 од февруари 2018 година и е сертифициран тренер за исхрана 80/10/10 и заедно со неговиот тим организираат фестивали на свежо овошје во Австрија, а Хариет веќе 12 години применува исхрана со жива растителна храна и успешно учествува на ултра маратони во Шпанија, каде последниот маратон од 200 км го заврши претходниот месец.

Хариет Кјар, ултра маратонец која ја престатвуала Данска како дел од тимот на олимиските игри. Хариет има извонредни резултати и ќе ја сподели тајната на своите успеси, како на пример:

Andorra ultra-trail 170 km, 46 часа Polar Circle marathon 42km, 7 часа Tor de Geants 330km, 110 часа Euforia 233km, 120 часа

Шеф на кујната ќе биде Шари Летерман од Флорида, која ќе ги подготвува оброците на фестивалот, ќе држи обука како најдобро се комбинираат намирниците, ќе споделува рецепти со присутните и ке го сподели своето 20 годишно искуство со подготовка на жива растителна храна.

Делчево365: Што дополнително може присутните да очекуваат на фестивалот?

Горан: Најважната информација која ја споделуваме е дека постои опција. Постои опција за целовито здравје. Присутните ќе слушнат како храната влијае на здравјето, како ние го третерираме нашето тело, т.е. самите нас. Кое гориво му е потребно на телото за оптимално здравје, на долгорочен рок.

Како што спомнавме, ќе има фитнес часови со функционален фитнес, тегови, пливање, на еден поинаков, забавен начин.

Најбитното од се, присутните ќе добијат поддршка на нивниот пат кон оптимално здравје, градење на заедница, релаксирачка атмосфера, дружба и забава. Секако, природно одгледана храна, вкусно подготвена на интересни и несекојдневни начини.

Симона: Може да научите како да имате оптимална подготовка за следниот маратон со практични работилници и совети од Хариет Кјаер од Барселона, која на возраст од 50 години трча маратони од 200 км. Ќе бидете во средина која ве поддржува и цели кон подобро здравје.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*