Започна наставата за 1282 ученици во Делчево

Во Делчево денес започна учебната година за 1282 ученици, кои во учебната 2024/25 година ќе посетуваат настава во двете деветолетки ,,Ванчо Прке” и Св.Климент Охридски и гимназијата ,,Методи Митевски – Брицо”.

Според информациите на советникот за образование при Општина Делчево, Ванчо Новоселски во основното образование запишани се 953 ученици додека во средното училиште настава ќе посетуваат 329 ученици.

-За учебната 2024/2025 година во двете основни и едно средно општински училишта во општина Делчево вкупно запишани ученици имаме 1282 ученици. Од нив во Општинското основно училиште  ,,Ванчо Прке” имаме 451 ученик, а во ООУ ,,Св.Климент Охридски” 502 ученика.

Во Средното општинско ,,М.М.Брицо” од прва до четврта година вкупно запишани 329 ученика, од кои 88 во стручните паралелки и 241 ученика во гимназиските паралелки, информираше Новоселски.

Наставата денес започна и за 106 првачиња кои денес седнаа во училишните клупи во двете делчевски деветолетки.

-Првачињата се тие кои заедно со нивните родители посебно го дочекаа денешниот ден. Имаме вкупно 57 првачиња на кои им посакуваме успешен старт на учебната година, истакна Маријана Стоименовска, заменик на деветолетката Ванчо Прке.

Успешен почеток на вкупно 49 првачиња им посака и заменик директорот на деветолетката Св Климент Охридски, а во честитката до сите ученици градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски потенцирајќи дека најубавите години се ученичките години. 

-Влезете во образовниот процес со насмевка и со цел да постигнете резултати и да се изградите во личности кои утре ќе ја градат иднината на нашето Делчево! 

Верувам дека оваа учебна година ќе ви донесе убави нешта, нови пријателства и пред сè нови знаења, рече Трајковски додавајќи дека како  градоначалник, ќе ги поттикне со награди и стипендии да постигнувате успеси во натпреварот на знаења.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*