Во Делчево и официјално започнаа активностите од Паметниот дигитален пилот проект

Во просториите на ПЗУ Мулти медика- Делчево од страна на Македонски телеком АД Скопје, денеска беше доставена и монтирана опремата која е дизајнирана да ги поддржува здравствените работници и давателите на социјална поддршка за постари и изнемоштени лица. 

Активноста се реализира во рамките на проектот за Паметен дигитален градски пилот проект ,,Иновативен систем за нега на постари лица- Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во општина Делчево”. 

Поставувањето на опремата има за цел  прецизно следење на пациентите во реално време, обезбедувајќи највисок степен на грижа.  По нејзиното инсталирање, од страна на стручни лица беше спроведена обука за матичниот лекар, како и за давателите на услуги кои ќе бидат задолжени за посета и местење на апаратите кај пациентите (крајните корисници)- стари лица на територијата на Општина Делчево.  

-Со ова официјално се отпочнува со активностите кои се предвидени во рамките на овој проект чија осносна цел е иновативност на услугите за грижа за постари лица со воведување на паметно, дигитално решение. Системот ќе го олесни далечинскиот мониторинг на пациентите и дијагностиката, особено насочен кон постарите граѓани во оддалечените области на општината, информираа од Општина Делчево.

Проектот ќе биде од корист за најмалку 50 до најмногу 200 постари граѓани, преку обезбедена опрема за следење на здравствените параметри од дома и овозможува самонабљудување и поддршка на дијагностиката без потреба од физички посети на здравствените установи. 

-Со ова ќе биде подобрен квалитетот на социјалните здравствени услуги на постарите граѓани, координацијата помеѓу локалните институции кои обезбедуваат услуги за нега на стари лица како и решавање на недостатокот на примарни здравствени услуги во далечните области за време на непогодни услови или при неможност за движење, додадоа од Општината.

Проектот се реализира на иницијатива на Општина Делчево како прва општина во Македонија која реализира пилот проект од областа на телемедицината. Буџетот изнесува 30.000 ЕУР, средства како донација од Австриска Агенција за Развој, а проектот се спроведува со помош на проектните партнери Мрежа на асоцијации на локални самоуправи НАЛАС, заедно со КДЗ, (Истражувачки центар за јавна администрација) од Австрија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*