Општина Делчево ќе добие мерна станица за амбиентален воздух, со што се исполнува уште едно од предизборните ветувања на локалната самоуправа. Станицата ќе овозможи постојано следење на квалитетот на воздухот на територијата на општината, особено во зони близу индустриски капацитети и сообраќајна инфраструктура.
Како што соопшти градоначалникот на Општината Горан Трајковски, проектот „Спречување на загадувањето на воздухот со помош на едукативни технички решенија“ ќе се реализира по склучениот договор за набавка на мерна станица за квалитет на амбиентален воздух.
– Здравата животна средина е наш приоритет и стратешка заложба. Контролата на квалитетот на воздухот е неопходна во борбата против загадувањето, а ова е само еден чекор во насока на создавање поквалитетни услови за живеење, истакна Трајковски.
Финансиските средства за набавката се обезбедени преку аплицирање на јавниот повик што Бирото за регионален развој го објави во февруари 2025 година, во рамки на Програмата за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој.

Leave a Reply