Делчево добива Центар за услуги – дел од националниот портал за дигитални услуги

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денес најави отворање на Центар за услуги во Делчево, кој ќе биде дел од националниот портал за услуги. Овој центар е првиот во источниот регион и е наменет за сите граѓани, особено за постарата популација и оние кои немаат можност самостојно да ги користат онлајн услугите.

-Центарот ќе им овозможи на граѓаните да пристапат до сите 300 услуги достапни на порталот – од уверение за државјанство, имотен лист, потврди за стаж од Пензискиот фонд, па сè до услуги од Агенцијата за вработување и други институции. Граѓаните ќе можат не само да ја завршат својата административна работа, туку и да се запознаат со тоа како да отворат профил и да користат дигитални алатки, рече министерот.

Министерството планира отворање на слични центри и во Свети Николе, Виница, Неготино и Крушево. Според Андоновски, од почетокот на работата на порталот бројот на достапни услуги е зголемен од за 129, а целта е да се достигнат 300.

-Користењето на порталот е зголемено за седум и пол пати, што покажува дека граѓаните го препознаваат неговиот бенефит, додаде тој.

Како главни предизвици министерот ги посочи дигиталната писменост, недостигот на вештини и потребата од политичка подготвеност на институциите за дигитализација. 

-Во овој процес, општините се наши клучни партнери. Во Делчево, каде што има значителен број повозрасни жители, центарот ќе биде особено важен за приближување на дигиталните услуги до сите, нагласи Андоновски.

Тој упати апел и до младите, вклучително и оние во дијаспората, да ги искористат услугите преку порталот и да го активираат својот профил. Според најавите, Центарот за услуги во Делчево ќе биде отворен на почетокот на септември.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*