Обновена „Патеката на Петко“ во село Негрево – промоција и зачувување на редок биодиверзитет

Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, со поддршка на ПШС „Равна Река“ – Пехчево, Општина Пехчево и Македонското еколошко друштво – Скопје, ја обнови опожарената „Патека на Петко“.

Оваа едукативна патека претставува значаен ресурс за промоција и зачувување на биодиверзитетот, води до Јудови ливади – уникатно живеалиште на реткото инсектојадно растение Drosera rotundifolia (муволовка), кое во Македонија се среќава само на три локации во Малешевијата: Јудови ливади, Еленско блато и Пехчевска река.

Во 2024 година регионот беше зафатен од катастрофален пожар кој уништи големи површини од шумата и значително го намали богатството на биодиверзитетот. Дел од „Патеката на Петко“ беше исто така зафатен, при што беа уништени повеќето информативни табли, а најголема штета претрпе тресетиштето на Јудови ливади – единственото живеалиште на муволовката.

Тресетиштата се исклучително ретки во земјата, а покрај муволовката, во нив се среќаваат и други ретки растенија, мовови, ендемични пајаци и вилински коњчиња. Тие имаат значајна улога во борбата против климатските промени, бидејќи складираат големи количини јаглерод и помагаат во превенирање на поплави.

-Со новите информативни табли, посетителите повторно можат да ја користат патеката и да ја доживеат природната убавина на регионот. Јудови ливади и ова ретко растение се дел од работилниците на Мрежата за искуствено учење (miu.mk), кои се реализираат од Едукативниот центар во соработка со Македонското еколошко друштво – Скопје и UNICEF MK, со финансиска поддршка на Шведската амбасада во Скопје – SIDA. Учениците од целата земја се запознаваат со богатството на природата и биодиверзитетот, како и со научно-истражувачката работа на терен, се вели во информацијата на Едукативен центар за зачувување на природата. 

Екологистите предупредуваат дека загубите за биодиверзитетот тешко можат да се вратат во првобитна состојба, но, како што истакнуваат од Едукативниот центар, секогаш мора да се започне од некаде. Центарот, заедно со Општина Пехчево и партнерите, продолжува да вложува во заштита, унапредување и промоција на природните ресурси, со цел зачувување на природното богатство за идните генерации. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*