Во Делчево промовирана првата стихозбирка на младата авторка Рената Јосифовска

Во просториите на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево вечерва се одржа промоција на првенчето на младата роднокрајна авторка Рената Јосифовска – стихозбирката „Судбина или случајност“.

Настанот беше посветен на афирмација на креативноста и талентот на младите творци од нашиот крај, а присутните имаа можност да се запознаат со дел од творештвото на авторката.

Од библиотеката истакнаа дека секогаш се стремат да бидат мост помеѓу пишаниот збор и читателите, а промоциите на книги од локални автори имаат посебно значење затоа што ја одразуваат историјата, културата, традицијата и современите предизвици на нашата заедница.

„Со вакви настани ја потврдуваме нашата посветеност да ја негуваме и поддржуваме литературната сцена на локално ниво. Нашата мисија е да им дадеме глас на роднокрајните автори и да им овозможиме нивните книги да го најдат патот до што поголем број читатели“, истакнаа од ЈЛБ „Илинден“.

Рецензент на книгата беше наставничката по македонски јазик, Маријана Стоименовска, а стихови од стихозбирката читаа ученички од ООУ „Ванчо Прке“ – Ева Калаџиска, Елена Стојчевска, Бојана Мирчевска, Андреа Стојанова, Теодора Митевска, Анамарија Христова, Ангела Постолова и Викторија Дончевска.

Рената Јосифовска е родена во Штип во 2000 година, а основното образование го завршила во Делчево. Средно училиште завршила во Штип, а студиите по физика и електроника ги комплетирала на Универзитетот во Софија.

Од името на библиотеката, на авторката ѝ беше посакано многу успех со новата книга и уште многу напишани страници и наслови во иднина.

Стихозбирката „Судбина или случајност“ веќе е дел од книжниот фонд на ЈЛБ „Илинден“ и е достапна за сите љубители на поезијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*