Во неделата, на 12 октомври 2025 година, епископот Делчевско-каменички г. Марко служеше Света Архиерејска Литургија во храмот посветен на „Свети Јоаким и Ана“ на Малта. На богослужбата сослужуваа свештенослужители од Српската Православна Црква и од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
По прочитаното Свето Евангелие, епископот Марко се обрати кон присутните верници, толкувајќи го неделното евангелие и потсетувајќи на значењето на верата, љубовта и заедништвото во Христос.
На крајот од Литургијата, владиката Марко најнапред се заблагодари на епископот Швајцарски г. Андреј за дадениот благослов да началствува со литургиското собрание. Изрази благодарност и до старешината на храмот, презвитерот Ристо Горанчиќ, кој ја упати поканата за неговото доаѓање на Малта.
Во литургиското собрание учествуваа православни верници од повеќе националности, меѓу кои и значителен број Македонци што живеат и работат на овој остров. По завршувањето на Светата Литургија, отец Ристо Горанчиќ приреди свечена празнична трпеза за сите присутни. Верниците се собраа и заеднички го прославија празникот „Покров на Пресвета Богородица“, бидејќи на самиот ден на празникот, поради работни обврски, не можат да присуствуваат на Литургија.
Овој настан претставува уште едно сведоштво за живата вера и духовната поврзаност на македонските православни верници ширум светот.

Leave a Reply