
Во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, во соработка со Национална установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“, денес беше одбележана значајна годишнина – 22 години од објавувањето на романот „Македон“, прв роман во историјата на Делчево, дело на роднокрајниот автор Славчо Десподов.
Настанот, кој се одржа пред учениците од четврта година од делчевската гимназија и професорката по македонски јазик, Милена Глинџарска, беше можност младите да се запознаат со патот на создавањето на романот, неговите пораки и инспирацијата која стоела зад ова значајно литературно остварување.
-„Македон“ претставува спој на историјата, идентитетот и човечката драма, создавајќи силно и емотивно раскажување кое остави белег во современата македонска книжевност, истакна авторот Десподов.
Директорите на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска и НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“, Златко Начовски преку овој настан, ја нагласија важноста на домашната литература и улогата што ја имаат локалните автори во градењето на културниот идентитет. Средбата со Десподов, како што истакнаа организаторите, претставува поттик за младите генерации да читаат, создаваат и да ја негуваат врската со својот крај.
Славчо Десподов е роден во 1951 година во селото Ѕвегор. Основното и средното образование ги завршил во Делчево, а студиите по национална историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како професор во гимназија и бил директор на Домот на културата „Н. Ј. Вапцаров“. Романот „Македон“, објавен во 1993 година, е негово прво прозно дело. Како раководител на драмскиот аматеризам има реализирано 16 драмски проекти, а зад себе има и организирање на повеќе ликовни и вајарски колонии.
Со денешниот настан, Делчево уште еднаш го слави својот автор и неговиот придонес кон локалната и националната културна ризница.

Leave a Reply