
Во Делчево вечерва беше одбележана 11-годишнината од прогласувањето на орото „Копачката“ за национално културно наследство со исклучителен интерес и за негово впишување во светското културно наследство на УНЕСКО. На свеченоста присуствуваa градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, советници, гости од Фестивалот „Јаков од Камена Река“, како и претставничката на македонската заедница во Загреб и МКД „Охридски бисер“, Ивана Брезовац.
Претседателката на Здружението „Фолклорна група Копачка“, Перса Стојановска, во своето обраќање истакна дека ФГ „Копачка“ од с. Драмче претставува најстара фолклорна група во државата и единствен носител–практичар на македонското фолклорно добро – истоименото оро, впишано во Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на човештвото на УНЕСКО.

Стојановска нагласи дека преку вечерните изведби и видео презентации публиката ќе може да ја почувствува атмосферата од над 77-годишниот опстој на групата, која низ децении ја има носено клучната улога во зачувувањето на пијанечките обичаи, изворни песни и традиционални ора.
– „Да го славиме човекот пијанечки, кој ни оставил идентитет, култура и традиција што ги отсликуваат нашите корени. Копачката е она што нè обединува и ни дава чувство на припадност. Кој и што и да сме – без Копачката, ништо не сме,“ порача Стојановска, упатувајќи повик за негување на македонските корени и традиции.
Свеченоста помина и во знак на сеќавање на долгогодишниот раководител на групата, народниот уметник Димитар Узунски, од чия смрт деновиве се навршија четири години. Стојановска посочи дека неговиот придонес во развојот на фолклорот е „неизмерлив“ и дека неговиот дух и вечерва е присутен во секој тон и ритам.

Како дел од програмата, Стојановска додели благодарници на истакнати поединци кои континуирано ја поддржуваат „Копачката“, меѓу кои и на градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски и на директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, Златко Начовски.
Во рамките на настанот беше промовиран и проектот „Школа за свирење на тамбура“, субвенциониран од Општина Делчево, преку кој младите музичари одржаа свои изведби.
На крајот, Стојановска им се заблагодари на присутните и ги повика да продолжат да ја поддржуваат и негуваат традицијата што ја носи ФГ „Копачка“, симбол на пијанечкиот и македонскиот културен идентитет.

Leave a Reply