Блиц интервју со протосингел Висарион: „Постот не е цел, туку пат кон Христос“

Делчево365: Што значи Црквата?

Протосингел Висарион: Црква значи соборност. Црквата е создадена од многу верници, тоа е соборноста – заедницата од многу луѓе што живеат во единство и во исто мислење. Глава на Црквата е Христос. Преку многу години, во Црквата се донесувале одлуки на собори. Бидејќи Црквата е жив организам, и денес таа донесува одлуки на собори, а на тие собори се донесени и каноните и уставите за тоа како православниот христијанин треба да пости.

Делчево365: Што е Божиќниот пост и како се пости?

Протосингел Висарион: Постои повеќе пости, а Божиќниот пост спаѓа во подолгите пости. Православната Црква определила и пропишала Божиќниот пост да се пости: понеделник, среда и петок – на вода; вторник, четврток, сабота и недела – на масло. Во сабота и недела се дозволува риба, а на некои поголеми празници што имаат повеличествена служба, Црквата дала разрешување и тие денови да се употребува риба, како на пример Воведение на Пресвета Богородица и Свети Климент.

Делчево365: Зошто понеделникот е постен ден на вода?

Протосингел Висарион: Понеделникот е воведен не затоа што е ангелски ден, туку за да се изедначи постот на вода и постот на масло – да биде подобро распределен како вид на воздржување. Црквата определила три дена на вода, четири дена на масло, и риба во деновите кои ги спомнавме.

Делчево365: Дали постот е цел сам по себе?

Протосингел Висарион: Постот не е цел сам по себе, туку средство кое ни помага да дојдеме до Христос и до Црквата. Тој ни помага побрзо и подобро да се соединиме со љубовта Христова, со црковната заедница и со исполнувањето на Божјите заповеди.

Делчево365: Која е целта на нашиот живот во Црквата?

Протосингел Висарион: Целта на нашиот живот е да дојдеме во Црква, да присуствуваме и да учествуваме во Светата Литургија, а тоа значи да се причестиме со светите и божествени тајни. Во Црквата, лебот и виното преку Светиот Дух се осветуваат и се претвораат во вистинско тело и вистинска крв Христова. Тоа е суштината на нашиот духовен живот – обожувањето и единението со Бога. Постот е сопатник во нашиот живот и дел од христијанското живеење и исполнување на Божјите заповеди.

Делчево365: Дали сите можат да постат на ист начин?

Протосингел Висарион: Како што кажавме, не можат сите да постат на ист начин. Оној што има потреба и не може да го исполни постот точно како што е запишан во црковниот типик, може да побара разрешување од својот парохиски свештеник или духовен отец – заедно да најдат начин како постот да го издржи до крај, да не го прекине, туку постот да има почеток и крај. Следниот пат постот ќе биде уште подобар.

Делчево365: Како треба луѓето да го примат постот?

Протосингел Висарион: Луѓето не треба да се плашат од постот, туку да го примаат со радост, а уште поголема радост ќе имаат ако заедно со духовниот отец или свештеникот најдат начин што им одговара. Сите луѓе не се исти, секој има свој начин на жртва и духовна полза во животот. Постот сите нека ги води кон добро.

Делчево365: Што е крајната цел на постот?

Протосингел Висарион: Се надеваме дека овој пост ќе биде на полза за секој верник и дека ќе ги следиме упатствата на Црквата. Бог да ни помогне, да ни даде леснотија во постот, радост, љубов – и, како што кажавме, суштината на нашиот живот – да ги примаме светите божествени тајни, да се соединиме со крвта и телото Христови. Тогаш докажуваме дека сме христијани и дека живееме со Бога. Бог да е со нас. Амин.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*