ЈЛБ „Илинден“ – Делчево со порака за инклузија по повод 3 Декември: „Различноста не нè дели – нè збогатува“

По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево упати силна порака за почит, поддршка и инклузија, истакнувајќи дека секој човек носи своја светлина, свој талент и своја приказна.

Од библиотеката порачаа дека различноста е вредност што го збогатува општеството, а не нешто што создава поделби. Во рамки на Деновите на хуманоста, тие изразија благодарност до сите деца и возрасни со попреченост, нивните семејства, наставници и поддржувачи кои секојдневно создаваат средина исполнета со разбирање и љубов.

Како дел од активностите, денес библиотеката беше домаќин на Стефанија Трајановска, 20-годишна корисничка на Центарот за лица со посебни потреби „Бравура Кооператива“ – Делчево. Таа помогна во секојдневната работа на библиотеката, издаваше книги и го пречекуваше читателите, симболично покажувајќи дека лицата со попреченост можат рамноправно да учествуваат во работниот процес и да придонесат во заедницата.

Од библиотеката ја изразија својата благодарност до Стефанија, истакнувајќи дека нејзиното присуство им го разубавило денот и уште еднаш потврдило дека „и покрај различностите, сите сме исти“.

ЈЛБ „Илинден“ – Делчево нагласи дека останува место каде секој е добредојден, со отворени врати за сите љубители на книгата и каде човечноста е најголемата сила.

Во рамки на хуманитарните активности, од библиотеката упатија покана до граѓаните утре да го посетат еднодневниот саем на книги на „Сакам книги“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*