
По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево традиционално организираше инклузивна ликовна работилница, во која заедно твореа ученици од основните и средните училишта и корисниците на Дневниот центар за лица со попреченост.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, а се реализира во соработка со ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Ванчо Прќе“, СОУ „Методи Митевски – Брицо“ и Дневниот центар за лица со попреченост „Бравура Кооператива“.
Директорот на НУЦК, Златко Начовски, истакна дека оваа активност има особено значење за заедницата:
„И покрај тоа што 2 и 3 декември се денови кога посебно им оддаваме внимание на лицата со посебни потреби, нашата ликовна работилница е организирана како целосно инклузивна активност. Веруваме дека лицата со попреченост се дел од сите нас, дел од општествениот живот и дека различностите не треба да нè делат, туку да создаваат мостови меѓу луѓето. Делата од денешната работилница ќе бидат донирани во Дневниот центар. Исто така, сакам да им се заблагодарам на сите учесници и нивните ментори што беа дел од оваа ликовна работилница.“
По прашањето за бројот на учесници, свој осврт даде Александар Белогаски, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн и раководител на работилницата:
„Учествуваат ученици од основните и средното училиште, заедно со корисниците на Дневниот центар, по повод 3 Декември – Денот на лицата со попреченост. Традиционално, како и секоја година, националната установа го одбележува овој ден со заедничка ликовна работилница. Се црта во техника на платно, во димензии 50×70 сантиметри. Очекуваме работилницата да биде успешна, како и претходно. Изработените дела ќе бидат доделени на Дневниот центар, а кога ќе се собере поголема колекција, планираме да организираме изложба со нивните дела.“
Со оваа активност, Центарот за култура ја продолжува својата мисија за поддршка на инклузијата и поттикнување на креативноста кај сите граѓани, истакнувајќи дека уметноста е простор каде секој може да биде рамноправен и видлив.

Leave a Reply