Градоначалникот Гоцевски потпиша декларација за унапредување на сообраќајната безбедност на локално ниво

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Гоцевски, денеска присуствуваше на Националната конференција насловена „Безбедност на сообраќајот во локална самоуправа“, организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во рамките на настанот беше потпишана заедничка декларација на општините за унапредување на сообраќајната безбедност и намалување на бројот на сообраќајни несреќи со жртви.

Целта на конференцијата беше преку размена на добри практики, искуства и унапредување на меѓуинституционалната соработка да се утврдат заеднички пристапи за подобрување на безбедноста во сообраќајот во урбани и рурални средини.

„Преку заедничка дискусија, анализи и предлагање решенија се дефинираа конкретни насоки за поефикасно дејствување на локално ниво. Потпишавме Декларација за безбедност во сообраќајот на патиштата на локално ниво, со која како градоначалник на Општина Делчево ќе настојувам да обезбедиме планирање на патната инфраструктура и транспортните услуги со фокус на луѓето, управување со мобилноста и приоритизирање на одржливи начини на патување,“ изјави Гоцевски.

Тој додаде дека Општина Делчево ќе продолжи активно да ја промовира значајноста на сообраќајната безбедност, како и да поттикнува соработка помеѓу сите релевантни чинители — општинската администрација, полицијата, јавните претпријатија, образовните установи, граѓанските организации и други.

Конференцијата беше поддржана од Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и ЗЕЛС.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*