
Нов дневен центар, нови услуги и заедничка мисија за инклузивна заедница Во Делчево денес беше одбележан 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со свечен настан во новоотворените простории на Дневниот центар, кој отсега ќе овозможува повеќе видови социјални услуги. Настанот го организираше Бравура Кооператива во соработка со Општина Делчево и Центарот за социјална работа, со присуство на ученици, наставници, персонални асистенти, претставници на институциите и локалната самоуправа.
Прво се обрати Александар Николов од Бравура Кооператива, кој истакна дека отворањето на новиот простор претставува значаен чекор кон инклузивно општество и еднаквост за сите граѓани. Изјава – Александар Николов, Бравура Кооператива.
-Од мое име и од името на сите нас, топло ви посакувам добредојде, бидејќи денес за првпат сме во нов простор наменет за повеќе видови социјални услуги. Една од нив се токму просториите што денес ги отвораме за лицата со попреченост. Не би рекол дека само денес е Светскиот ден на лицата со попреченост – ние секој ден се трудиме сите денови да бидат исти за сите, без разлики меѓу луѓето. Вашето присуство – учениците од „Ванчо Прке“, наставниците, гимназијата и нашата Лаура – значи дека ќе бидете наши редовни гости.

Заедно можеме да создадеме вистинска инклузивна и интегрирана заедница, во која секој придонесува кон чувството на прифатеност. Сакам да се заблагодарам на оркестарот што денес ќе настапи. Сите овие активности се должат на нашата соработка со Општина Делчево. Очекуваме наскоро да ги прошириме услугите и да го уредиме просторот што ни е доделен, со нови предлози за подобри политики кон лицата што имаат потреба од поддршка. Му ја предавам зборот на новиот градоначалник, со кој веќе имаме разгледано заеднички идеи за развој на услугите, рече Николов.
По обраќањето, Николов го најави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој говореше за плановите на општината и за поддршката на новите социјални услуги.
-Сакам да се заблагодарам на Црвениот крст, Дневниот центар, Центарот за социјална работа, наставниците од СОУ ’Методија Митевски–Брицо’ и персоналните асистенти, што заедно го одбележуваме 3 Декември. Нека ова стане традиција што ќе трае и 100 години. Делата што ќе ги оставиме треба да останат. Благодарност до Александар и неговиот тим за прекрасниот простор кој денес е вистински дом за корисниците. Во моментот во дневниот центар се згрижени седум лица, во живеалиштата 15, а се обезбедуваат услуги за повеќе од 70 стари и изнемоштени лица. Потребата од поддршка е голема, а инфраструктурата што ја создадовме заедно со институциите и граѓанскиот сектор е силен мотив да продолжиме понатаму. Подготвуваме нова Програма за социјална заштита која во декември ќе биде доставена до Советот.

Во неа ќе вклучиме нови услуги – поддршка за лица со епилепсија во соработка со Црвен крст и Здравствениот дом, финансиска поддршка за семејства со деца со мускулна дистрофија, продолжени донаторски активности, посебна грижа и други мерки. Целта ни е една – да бидеме сите заедно, како денес. Моите очекувања денес се надминати. Ви посакувам добро здравје и успех, и да продолжиме да го градиме ова што го започнавме. Ви благодарам многу.“, додаде Гоцевски/
Настанот продолжи со музички настап на оркестарот и дружење со корисниците, а организаторите најавија дека работата на новиот центар ќе се проширува со дополнителни услуги, со цел лицата со попреченост и нивните семејства да добијат поголема поддршка и подобар квалитет на живот.
Поопширно немонтиран видео материјал во траење од 45 минути од тоа како изгледа новиот центар на Бравура Кооператива погледнете во видеото на нашиот YouTube канал.

Leave a Reply