Организација „Жена“ Делчево: Локалните избори поминаа во фер, демократска и мирна атмосфера (видео)

Организација „Жена“ Делчево денеска ја презентира завршната оценка од мониторингот на локалните избори, при што беше истакнато дека изборниот процес се одвивал во фер, демократска и инклузивна атмосфера.

Зоран Биковски од организацијата нагласи дека изборите биле спроведени во целосно мирен амбиент и без сериозни неправилности.

„Со задоволство можеме да оцениме дека изборите поминаа фер и демократски. Граѓаните слободно го изразија својот избор. Го следевме целиот процес – од предизборниот период и кампањата, преку изборниот ден, па сè до примопредавањето на власта. Иако изборите ги оценуваме многу високо, имавме мала забелешка во делот на обележувањето на службените возила“, изјави Биковски.

Тој додаде дека мониторинг-тимот не забележал злоупотреба на службени простории, притисоци врз администрацијата, ниту случаи на говор на омраза или вклучување на приватниот сектор во политички активности.

„За време на изборниот ден имавме активна комуникација со Општинската изборна комисија. Реагиравме по пријавите на граѓаните и посетивме повеќе избирачки места. По затворањето на гласањето ги посетивме и изборните штабови, каде што сите политички партии изразија задоволство од фер и мирната изборна атмосфера“, додаде Биковски.

Бети Толевска, членка на мониторинг-тимот, информира дека тие посетиле девет избирачки места – седум рурални и две урбани – при што било евидентирано високо ниво транспарентност и професионалност од избирачките одбори и претставниците на институциите.

„Изборниот ден се одвиваше мирно и инклузивно, што покажува дека заедницата има развиена демократска култура и доверба во институциите. Нашите наоди ја потврдуваат важноста од континуираниот граѓански надзор врз изборните процеси“, изјави Толевска.

Организација „Жена“ Делчево најави дека од април продолжува со нов проект посветен на следење на исполнувањето на изборните ветувања на новоизбраниот градоначалник и локалната самоуправа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*