Младиот планинар Давид Златовски од ПСК „Голак“ Делчево со искачување на врв во Франција ја започна планинарската 2026 година

ДЕЛЧЕВО – Со искачување на врвот Le Petit Montrond (Малиот Монтрон) на надморска височина од 1.532 метри, на планината Јура во Франција, официјално е означен почетокот на новата планинарска 2026 година за Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево.

Искачувањето го реализираше Давид Златковски, еден од младинските лидери во младинската секција при ПСК „Голак“ Делчево, кој деновиве престојуваше во Женева, Швајцарија. Во рамки на својот престој, Златковски се упати и кон туристичкото место Шамони (Chamonix) во Франција, со цел искачување на врвот Aiguille du Midi (Јужната игла) на 3.842 метри, сместен на масивот Мон Блан.

Сепак, поради целосно распродадени карти за кабинковиот лифт за наредните три дена и големата висинска разлика од над 2.000 метри доколку искачувањето би се реализирало пеш, оваа планинарска цел не била остварена.

По ова, Златковски се упати кон туристичкото место Шател (Châtel), на надморска височина од 1.200 метри, сместено на масивот Француски Предалпи, во непосредна близина на границата со Швајцарија. Таму тој ги усоврши своите скијачки техники, искачувајќи се до височина од 2.430 метри.

На 2 јануари 2026 година, Златковски успешно го искачи врвот Petit Montrond, кој се наоѓа на планината Јура и е во непосредна близина на француско-швајцарската граница.

Од ПСК „Голак“ Делчево изразуваат уверување дека Давид Златковски претставува голем потенцијал за македонското младинско планинарство и дека во блиска иднина ќе се профилира како еден од најуспешните млади планинари, а потоа и алпинисти.

„Ова е еден многу убав и охрабрувачки почеток на новата планинарска 2026 година“, истакнуваат од клубот.

Планинарски спортски клуб „Голак“ – Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*