
Утре, недела (04.01.2026 година), Кочани ќе биде домаќин на Новогодишната и Божиќна Трчанка 2026, празничен спортско-рекреативен настан кој ги обединува граѓаните околу вредностите на мир, радост, слога, заедништво и нови почетоци.
Настанот ќе започне во 11:00 часот со старт од Градскиот парк во Кочани, а учесниците ќе се движат по течението на реката кон Брана Градче и назад, на вкупна должина од 10 километри (5 км во еден правец).
Трчанката има целосно рекреативен карактер. Темпото е слободно, а движењето ќе биде во една заедничка група, прилагодена за сите – без разлика дали учесниците ќе трчаат, пешачат или возат велосипед. Фокусот не е на резултатите, туку на дружењето, здравите навики и празничната атмосфера.
Со ова симболично празнично движење, учесниците заедно ќе ја одбележат Новата година и Божиќ, испраќајќи порака за љубов, мир и сплотеност во заедницата.
По враќањето во Градскиот парк, за сите учесници ќе следува заедничко дружење со:
- финишер медал,
- дрес (со поддршка од „Амфенол“)
- посна закуска и пици подготвени од Пицерија „La Cucina“ – Кочани,
- лепчиња со паричка, при што среќникот ќе добие ваучер од 3.000 денари од „Спортисима“ – Џинсо,
- топли и ладни пијалаци послужени од „Пролет Бар“ – Кочани.
Организаторите порачуваат дека настанот е скромен, но искрен, создаден со желба да ја започнеме годината со позитивна енергија и заедничка радост.
Кочани утре ќе трча за мир, љубов и добрина – во чест на Новата година и Божиќ, со отворено срце и обединет дух.

Leave a Reply