
Делчево – Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски ги награди најуспешните средношколци од градот, доделувајќи им по 10.000 денари за постигнати резултати на државни натпревари.
Паричната награда ја добија учениците Лука Стоименовски и Ива Цонева од СОУ „М.М. Брицо“, кои освоија второ место на државните натпревари по италијански јазик, односно по географија.
На средбата со наградените ученици и директорката на училиштето, Марина Синадиновски, градоначалникот Гоцевски разговараше за состојбите и предизвиците во средното образование, како и за можностите за дополнителна поддршка и унапредување на резултатите на учениците.
– Исклучително го ценам секој успех на нашите ученици. Делчево има талентирани млади луѓе кои заслужуваат да бидат препознаени, наградени и мотивирани да продолжат со успесите – изјави Гоцевски.
Од Општина Делчево информираат дека буџетот за образование за 2026 година е зголемен за 250 илјади денари, средства кои ќе бидат насочени кон поддршка на талентирани ученици. Воедно, зголемени се и општинските стипендии и награди, а првенците на генерацијата ќе добиваат еднократна парична награда.
Јавниот конкурс за доделување стипендии, како што најавуваат од општината, ќе биде распишан во текот на овој месец.

Leave a Reply