
Во изминатиот период, со Божја помош и со голема посветеност, во манастирот „Свети Пророк Илија“ во село Ѕвегор, општина Делчево, беше реализиран значаен зафат на обнова и уредување на манастирскиот комплекс.
Извршено е комплетно реновирање на манастирскиот конак, целосно е обновена црквата – како однадвор, така и одвнатре, а за посетителите се изградени и нови санитарни јазли. Со тоа, манастирот доби достоинствен изглед и подобри услови за престој на верниците и посетителите.
Сепак, пред заедницата стои нов предизвик. Во периодот што следува, потребно е да се посвети внимание на состојбата на манастирската трпезарија. Иако до неодамна таа беше во одлична состојба, во последно време зад објектот е создаден насип од земја со височина од околу 1,5 метар. Оваа состојба овозможува пристап на питомите животни, како ловџиски кучиња, но и на диви животни – лисици и други, кои се качуваат под ќерамидите и врз ОСБ таблите, при што се нанесува сериозна штета на објектот.
Доколку во пократок рок не се преземе соодветно решение, постои реална опасност од оштетување, па дури и уривање на таванот на трпезаријата.
Како привремено и изводливо решение, се предлага отстранување на насипот од земја зад трпезаријата, сè додека не се обезбедат средства за изградба на потпорен ѕид, кој би претставувал трајно и безбедно решение.
Овој апел е упатен со цел заеднички да се размислува за проблемот и, доколку постои желба, љубов и грижа кон манастирот како трајна духовна и културна вредност, да се организираат активности за негово решавање.
„Нашата цел не е само да го сочуваме она што ни го оставиле постарите генерации, туку и да го унапредиме и доизградиме за идните“, порачува Протосингелот, јеромонах Висарион.
Манастирот „Св. Пророк Илија“ е дел од духовниот идентитет на регионот и заслужува заедничка грижа и одговорност.

Leave a Reply