
Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево реализираше едукативна работилница во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Делчево, наменета за деца постари од 7 години. На работилницата активно учествуваа вкупно 23 деца, кои со голем интерес и ентузијазам се вклучија во сите активности.
Настанот започна со прикажување краток едукативен цртан филм, преку кој децата се запознаа со улогата, вредностите и хуманата мисија на Црвениот крст. Потоа следуваше практичен дел, кој предизвика особено внимание и љубопитност кај најмладите учесници.
Во рамки на работилницата, децата имаа можност да научат основни техники од прва помош, вклучувајќи вештачко дишење и изведување преврски, стекнувајќи корисни знаења и вештини кои можат да бидат од исклучително значење во итни ситуации.

Од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево упатија благодарност до Општинската организација на Црвениот крст – Делчево, до претседателката на организацијата, д-р Билјана Георгиевска, психијатар, до Ивана Ангеловска, секретар на ОО на Црвен крст – Делчево, како и до Искра Георгиевска, волонтер, за успешната и професионална соработка.
„Се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме со реализација на вакви и слични едукативни и забавни активности“, порачуваат од библиотеката, упатувајќи благодарност и до децата за нивната активност, љубопитност и позитивна енергија.
Ваквите работилници уште еднаш потврдуваат дека библиотеката не е само место за книги, туку и простор за учење, дружење и грижа за заедницата.

Leave a Reply