
Општина Делчево денеска потпиша Меморандум за соработка со Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ од Кочани, со цел зајакнување на безбедноста и заштитата на граѓаните и посетителите, особено во планинските подрачја.
Од Општината информираат дека зголемениот развој на туризмот, а особено планинскиот туризам, како и сè поголемиот број љубители на природата, наметнува потреба од поголема подготвеност и одговорност во обезбедувањето навремена и ефикасна помош при несреќи и вонредни состојби.
Со Меморандумот се предвидува заедничко и координирано имплементирање на активности насочени кон подобрување на безбедноста на планина, побрза и поефикасна координација при интервенции, размена на знаења и искуства, како и спроведување превентивни и едукативни активности и обуки.
Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ се посочува како значаен партнер, чија стручност и хуманост претставуваат важен сегмент во системот за заштита и спасување.
Од Општина Делчево нагласуваат дека остануваат посветени на градење партнерства кои директно придонесуваат за поголема сигурност и безбедност на заедницата и на сите посетители на општината.

Leave a Reply