
Кошаркарскиот клуб Патриот од Делчево официјално се засили со две американски кошаркарки, Тими Крисвел и Лорен Скот, кои ќе бидат ново оружје на делчевскиот прволигаш во продолжението од сезоната.
Двете Американки зад себе имаат богато колеџ искуство. Крисвел настапувала за Тексас Тек Универзитетот, каде што во јуниорската сезона ја освоила шампионската титула и триумфирала на Марч Меднес, додека Скот доаѓа од Универзитетот Хај Поинт, со кој минатата сезона ја освоила титулата во Биг Саут конференцијата и настапила на Марч Меднес турнирот.
Новите засилувања ќе имаат можност да дебитираат веќе во недела, со почеток од 17:00 часот, кога Патриот ќе се обиде да оствари победа со повеќе од 7 поени разлика, со што би се обезбедил и трет натпревар против екипата на Спорт Тим Неготино.
Американските кошаркарки во своите први изјави истакнаа дека доаѓаат со јасна цел – напорна работа, максимален ангажман и борба за успех на тимот, верувајќи дека Патриот има квалитет да се бори за висок пласман и опстанок во Првата лига.

Тренерот на КК Патриот, Љупчо Петровски, упати јавен апел до делчевската публика да ја исполни спортската сала „Методи Митевски – Брицо“ и со силна поддршка од трибините да биде шести играч на тимот во овој исклучително важен натпревар.
„Поддршката од публиката ни е повеќе од потребна. Ги повикувам сите љубители на кошарката утревечер да бидат со нас и заедно да ја оствариме целта“, порача Петровски.

Leave a Reply