ДЕЛЧЕВО ВОВЕДУВА СОВРЕМЕН СИСТЕМ ЗА ДАЛЕЧИНСКО СЛЕДЕЊЕ НА ПАЦИЕНТИ

Општина Делчево продолжува да инвестира во модерни и хумани здравствени решенија, со фокус на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, особено на постарите и хронично болните лица.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска оствари работна посета на ЈЗУ Здравствен дом – Делчево, каде заедно со директорката Билјана Ѓеорѓиевска, докторите Софија Станоева Стојановска и Тони Георгиевски, како и медицинскиот персонал од Итната медицинска помош, се запозна со новата современа опрема за далечински мониторинг и дијагностика на пациенти.

Станува збор за иновативен систем кој овозможува континуирано следење на здравствената состојба на пациентите од нивниот дом, со посебен акцент на повозрасните лица кои живеат во руралните и оддалечени подрачја на општината. Преку оваа опрема, во реално време ќе се мерат основни здравствени параметри како крвен притисок, сатурација, пулс, дишење и електролитен статус, при што медицинските лица ќе ги следат податоците преку компјутерски и таблет уреди.

Системот овозможува истовремено следење на двајца пациенти, што значително ќе ја олесни работата на здравствените работници и ќе обезбеди побрза, навремена и поефикасна медицинска интервенција.

Со имплементацијата на овој проект ќе бидат опфатени поголем број хронични и повозрасни лица, кои ќе добијат директна и континуирана здравствена грижа, без потреба од чести посети во здравствените установи. Овој модел значително ќе придонесе за унапредување на социјалните и здравствените услуги, подобра координација меѓу институциите и надминување на предизвиците со недостиг на примарни здравствени услуги, особено во услови на непогоди или отежнато движење.

Вкупната вредност на проектот изнесува 30.000 евра, а средствата се обезбедени како донација од Австриската агенција за развој, со поддршка на НАЛАС и КДЗ.

Градоначалникот Гоцевски истакна дека Општина Делчево и понатаму ќе продолжи со вложувања во проекти кои носат конкретни и директни придобивки за граѓаните, позиционирајќи го Делчево како пример за современо и одговорно локално управување во областа на здравството.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*