Започна обновата на Спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци

Активно се реализира проектот за целосна обнова на Спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци, објект од исклучително историско и културно значење за македонскиот народ. Со проектот се исполнува повеќегодишна заложба за заштита и ревитализација на овој значаен споменик, кој претставува симбол на првото организирано македонско востание.

Вчера беше извршен увид во отпочнувањето на градежните активности, на кој присуствуваа претставници од изведувачот, градежниот и конзерваторскиот надзор, директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ Златко Начовски, директорот на Национален конзерваторски центар Александар Јорданоски, како и претставници од Општина Делчево.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека обновата на Спомен-домот е исполнување на јавно дадено ветување пред граѓаните и важен чекор во зачувувањето на националната историја. Тој посочи дека, и покрај сомнежите во минатото, проектот денес станува реалност, нагласувајќи дека заложбите на локалната самоуправа се водени од одговорност и љубов кон историското наследство. Според него, Разловци заслужува ваков капитален зафат, а идните генерации треба да растат со чувство на гордост и припадност кон сопствената историја.

Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, Златко Начовски, нагласи дека проектот има особено значење за заштита и унапредување на културно-историското наследство поврзано со Разловечкото востание, како еден од најзначајните настани во македонската револуционерна историја. Тој потенцира дека обновата ќе обезбеди соодветна заштита на објектот, подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за презентација на историските содржини пред посетителите, со што ќе се придонесе и кон развој на културниот туризам во регионот.

Вредноста на проектот изнесува 21 милион денари, а средствата се обезбедени од Министерство за култура и туризам, со поддршка од Владата на Република Македонија. Градежните работи ќе се одвиваат согласно утврдениот план и под стручен надзор, а во наредниот период се очекува зголемување на бројот на ангажирани работници и интензивирање на динамиката на работа.

Со реализацијата на овој проект се прави значаен чекор кон трајно зачувување на автентичноста на Спомен-домот и негово достоинствено претставување пред јавноста и идните генерации.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*