
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, оствари средби со земјоделци од селата Град и Тработивиште, каде се одржаа јавни трибини во организација на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.
На трибините, на кои присуствуваа и претставници од релевантни институции, меѓу кои Ромео Тренов од Управата за водостопанство и Оливер Ивановски од Државната фитосанитарна лабораторија, се дискутираше за унапредување на земјоделското производство и зголемување на квалитетот на домашните производи.
Гоцевски истакна дека општината активно работи на создавање услови за поголемо и поквалитетно производство, со цел обезбедување на здрава храна за локалното население. Посебен акцент беше ставен на претстојните настани што ќе се одржат во овие рурални средини.

Во селото Град, најавена е манифестацијата „Пијанечки денови на сливата“, која годинава ќе се реализира во соработка со локалното население, со цел промоција на традицијата и земјоделското производство. Во Тработивиште, пак, ќе се одржи веќе познатата „Зелкаријада“.
Дополнително, градоначалникот информираше дека започнува процес на урбанизација на повеќе делчевски села, што ќе им овозможи на земјоделците полесен пристап до потребната документација за аплицирање на јавни повици и користење на мерки за поддршка.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека остануваат посветени на директна соработка со жителите од руралните средини, со цел подобрување на условите за живот и поттикнување на развојот на земјоделството во регионот.


Leave a Reply