ПХВ младинци ја оживуваат традицијата во Делчево

Делчево, 26 март 2026 (МИА) – Група млади од ПХВ иницијативата во Делчево започнаа интеркултурен проект чија главна цел е зачувување и промоција на културното наследство, традициите и обичаите во локалната заедница, како и поттикнување на меѓусебното разбирање и почитување на различностите.

Проектот предвидува изработка на книга посветена на културното богатство на општина Делчево, во која ќе бидат систематизирани и претставени традиционалните обичаи, народните носии, како и начинот на живеење на луѓето од овој регион низ времето. Младите учесници активно работат на собирање на податоци преку разговори со повозрасни жители, истражување на локалната историја и документирање на автентични приказни кои го отсликуваат духот на крајот.

Посебен акцент во проектот е ставен на достапноста на содржините, па книгата ќе биде преведена на три различни јазици, со што ќе стане разбирлива и за поширока публика надвор од локалната заедница. На тој начин, младите имаат за цел да придонесат кон афирмација на културната разновидност и нејзино приближување до меѓународната јавност.

Како дел од активностите, беше организиран и „Отворен ден“, настан кој предизвика голем интерес кај граѓаните. Присутните имаа можност да се запознаат со дел од традиционалните обичаи, да ги разгледаат изложените народни носии, но и да вкусат разновидна традиционална храна подготвена од локалното население.

Организаторите посочуваат дека ваквите активности имаат значајна улога во зачувување на културниот идентитет, особено кај младите генерации, кои преку директно учество стекнуваат поголема свест за вредноста на сопственото наследство.

– Нашата цел е да ги поврземе луѓето преку културата и да покажеме дека различностите се богатство, а не пречка. Веруваме дека преку оваа книга ќе оставиме траен белег и ќе придонесеме кон зачувување на традицијата за идните генерации – велат учесниците во проектот.

Проектот е дел од пошироките активности на ПХВ програмата, насочени кон поттикнување на младински активизам, волонтерство и градење на инклузивно општество.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*