Ученици од СОУ „Методи Митевски-Брицо“ Делчево на младинска размена во Тирана

Ученици и професори од СОУ „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево активно учествуваат во втората возвратна размена во рамки на проектот „Bridges to Unity“, дел од програмата „SuperSchools“. Вкупно 15 ученици од прва, втора и трета година, придружувани од двајца професори, престојуваат во средно економско и техничко училиште во Тирана, каде од 23 до 28 март се реализираат предвидените активности од четвртиот циклус на проектот.

Преку работилници, интерактивни сесии и дружење со врсници, учениците стекнуваат нови знаења, искуства и пријателства, промовирајќи ги вредностите на меѓукултурниот дијалог, соработката и меѓусебното почитување. Дел од активностите вклучуваат сесии како „Our Culture, Our Stories“ и „What is Intercultural Dialogue?“, кои придонесуваат за развој на свеста за културната разновидност и толеранцијата.

Во рамки на престојот, учениците имаа можност да посетат и значајни културно-историски локации во Тирана, меѓу кои музејот „House of Leaves“ и изложбениот простор „Bunk’Art 2“, каде се запознаа со дел од албанската историја и општествениот развој. Посетата беше заокружена со прошетка во Големиот парк кај Тиранското Езеро, едно од најпознатите рекреативни места во градот.

Посебно значаен момент од престојот беше средбата со висока делегација, при што се одржа дискусија за значењето и придобивките од младинските размени. Учениците имаа можност директно да комуницираат и да поставуваат прашања до претставници на меѓународни институции и организации, меѓу кои амбасадорот на Европската Унија во Албанија, Силвио Гонзато, амбасадорот на Германија, Карл Бергнер, како и претставници од RYCO и други институции.

Во рамки на програмата, учениците го посетија и TUMO центарот за технологии, каде се запознаа со современи и креативни пристапи во образованието и развојот на младите.

Овие денови во Тирана се исполнети со нови знаења, искуства и пријателства кои ќе остават траен белег кај учениците. СОУ „Методи Митевски-Брицо“ продолжува активно да учествува во проекти кои ги поврзуваат младите, поттикнуваат соработка и градат мостови на разбирање и заедничка иднина.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*