Со многу љубов, фантазија и детска креативност, децата од градинката „Весели Цветови“ ја одбележаа 23 Април – Светскиот ден на книгата, подарувајќи две уникатни книги на библиотеката во Делчево.
Дечињата на возраст од 4 и 5 години од детската градинка „Весели Цветови“, од групите „Виножито“ и „Цветчиња“, со многу љубов, фантазија и шарени бои изработија свои мали книги, исполнети со цртежи и детски мисли, кои ѝ ги подарија на библиотеката.
Станува збор за рачно изработените книги „Трите прасиња“ и „Трите пеперутки“, кои ќе бидат обработени и ќе им бидат достапни на сите дечиња посетители на библиотеката.
Малите автори своите дела ги претставија преку песна и драматизација, покажувајќи дека љубовта кон книгата започнува уште од најрана возраст. Нивниот подарок претставува искрена детска креативност и вреден спомен што трајно ќе остане зачуван во библиотеката.
Од ЈЛБ „Илинден“ упатија благодарност до децата, воспитувачките и негователките за овој незаборавен подарок, со порака дека ваквите настани се поттик за негување на љубовта кон книгата и читањето уште од најмала возраст.

Leave a Reply