Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вечерва во Делчево оствари средба со земјоделците во рамки на кампањата „Гласот што го слушаме – Македонско најдобро“, чија цел е преку директна комуникација со земјоделците да се креираат политики во интерес на домашното земјоделско производство.
На средбата, Трипуновски истакна дека кампањата се реализира низ повеќе општини во државата, со цел земјоделците директно да ги изнесат своите потреби и предлози пред ресорното министерство.
- Денеска сме повторно на терен, овде во Делчево, на средба со земјоделците од оваа општина. Продолжуваме со кампањата што ја започнавме како ресорно министерство во директна комуникација со сите земјоделци низ државата. Оваа трибина ќе биде искористена за презентација на она што е сработено во рамки на министерството, како и за дискусија и слушање на гласот на земјоделците, изјави Трипуновски.
Според него, ваквиот пристап е значаен за креирање отворени и ефикасни политики во интерес на македонското земјоделство.
Осврнувајќи се на актуелните исплати кон земјоделците, министерот посочи дека по добиеното известување од Брисел, продолжува процесот на искористување на средствата и исплатата на предвидените финансиски поддршки.
- Тоа значи дека земјоделците не треба да бидат загрижени. Ние правиме сè што е во рамки на нашите можности како држава за да го продолжиме процесот понатаму, со цел да го модернизираме, обновиме и развиваме македонското земјоделство, истакна Трипуновски.
Во однос на прашањето за состојбата со одморалиштето на Голак, министерот рече дека Министерството е во комуникација со локалната самоуправа и дека се разгледуваат можности за решавање на долгогодишниот проблем.
- Знаеме дека тоа е повеќедецениски проблем. Се преземени одредени активности и се разгледуваат можности за негово решавање. Доколку има конкретно решение, јавноста навремено ќе биде информирана, рече Трипуновски.
Кампањата „Гласот што го слушаме – Македонско најдобро“ ќе продолжи и во наредниот период во повеќе општини низ државата.

Leave a Reply