Македонскиот бодибилдинг репрезентативец Павле Богдановски, по потекло од Делчево, забележа значаен успех на Европското првенство во Санта Сузана 2026, каде што настапи во исклучително силна конкуренција меѓу најдобрите бодибилдери од Европа.
Во својот прв настап на ваков голем меѓународен настан, Богдановски обезбеди пласман во финале и го освои 6. место во двете категории, што претставува сериозен резултат и потврда за неговата врвна форма.
Зад овој успех стои и силната поддршка од неговиот тренер – неговиот брат, Петар Богдановски, со кого заедно ја гради натпреварувачката форма и стратегијата за настап. Оваа семејна соработка се покажува како значаен фактор во неговиот континуиран напредок.
„Ова е огромно искуство за мене и дополнителна мотивација да продолжам уште понапорно. Презадоволен сум од постигнатото, особено имајќи ја предвид конкуренцијата,“ изјави Богдановски.
Тој нагласи дека подготовките биле предизвикувачки, но дисциплината, трпението и вербата биле клучни за успехот, додавајќи дека бодибилдингот го обликувал не само како спортист, туку и како личност.
Следен настап за Богдановски ќе биде на „Herkules Grand Prix“ во Охрид, кој ќе се одржи за две недели и ќе ја заокружи неговата натпреварувачка сезона.
Со вакви резултати и силен тим зад себе, Павле Богдановски се профилира како еден од најперспективните македонски бодибилдери на европската сцена. 💪








Leave a Reply