Младиот информатичар со Делчевско потекло Владимир Грчев ќе ја претставува Македонија на IOI – најпрестижната Светска олимпијада по информатика Младиот информатички талент Владимир Грчев продолжува да испишува нови успеси за Македонија! Секоја година носи ново достигнување, а секој нов успех е поголем од претходниот.
По освоеното европско злато на Европската олимпијада по информатика за млади, Владимир Грчев годинава го оствари и најголемиот сон – избор во македонскиот тим за Светската олимпијада по информатика (IOI), најпрестижното светско натпреварување за средношколци по информатика.
Владимир е четирикратен државен првак по информатика и меѓу најуспешните млади информатичари што ги има Македонија. Веќе пет години по ред ја претставува нашата држава на најсилните меѓународни натпревари, а неговата импресивна низа продолжува – од секој меѓународен настап досега се враќал со освоена награда или медал.
Ова лето за Владимир ќе биде исполнето со два исклучително значајни меѓународни настани. Неколку недели пред настапот на Светската олимпијада по информатика, тој ќе отпатува во Бремен, Германија, каде што е поканет да учествува на престижен информатички камп организиран од JetBrains, една од водечките европски ИТ компании. На кампот ќе присуствуваат дел од најталентираните информатичари од целиот свет, што претставува огромно признание и ретка можност за размена на знаења и искуства со идните светски лидери во информатиката.
По завршувањето на кампот, Владимир ќе ги брани боите на Македонија на Светската олимпијада по информатика како еден од само четворицата ученици кои годинава го сочинуваат националниот тим. Неговите успеси се резултат на години посветена работа, натпреварувачко искуство и постојана желба за напредок.
Од најмлад натпреварувач во државата до европски шампион, а сега и учесник на најголемата светска олимпијада по информатика, Владимир продолжува да биде пример за тоа што можат да постигнат македонските млади таленти кога добиваат можност да го покажат својот потенцијал. Особена гордост е што зад оваа успешна приказна стојат и неговите делчевски корени, а Владимир до Прво одделение живееше во Делчево и градинка посетуваше точно тука. Успесите на Владимир се инспирација за младите од целиот Источен регион и доказ дека со знаење, упорност и посветеност може да се стигне до самиот светски врв.
Му посакуваме многу успех на претстојните меѓународни предизвици и веруваме дека Владимир ќе продолжи да ја претставува Македонија на највисоко ниво, како што тоа успешно го прави веќе пет години.

Leave a Reply