Делчевецот Мартин Спасевски дел од македонската репрезентација на Балканското друмско првенство во Косово

Делчевскиот велосипедист Мартин Спасевски е дел од македонската репрезентација која настапува на Балканското друмско првенство во Косово, претставувајќи го својот град и државата на едно од најзначајните регионални велосипедски натпреварувања.

Спасевски беше меѓу македонските репрезентативци кои се натпреваруваа во дисциплината индивидуален хронометар, со која официјално започна шампионатот. Неговиот настап претставува уште едно признание за неговата посветеност и континуиран развој во велосипедскиот спорт, но и повод за гордост за Делчево.

Македонската репрезентација оствари успешен почеток на Балканското првенство, откако Елена Петрова во конкуренција на сениорки го освои второто место и сребрениот медал, носејќи го првото одличје за Македонија на годинашниот шампионат.

Покрај Мартин Спасевски, во составот на националниот тим настапуваат и Константин Костоски, Кирил Анчевски, Иван Илијевски, Оља Цветанова, Шасивари Мубарек, Марко Блажевски и Матеј Јовановски. Репрезентацијата ја предводи селекторот Марјан Петровски, со поддршка од Сенад Идризи, Оливер Насков и Кире Спасевски.

Балканското друмско првенство, чиј домаќин е Косово, ги обедини велосипедистите од Македонија, Романија, Албанија, Грција, Молдавија, Турција, Кипар и Бугарија. Натпреварувањата продолжуваат и во наредните денови со друмските трки, на кои македонските велосипедисти ќе имаат нова можност за добри пласмани и освојување медали.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*