Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, престојува во официјална работна посета на Бар, Црна Гора, каде учествува на работна средба во рамките на проектот „LANDS IPA ADRION“, заедно со претставници на 11 партнерски институции и организации од девет земји од Јадранско-јонскиот регион.
Како што информира Ружински, заедно со проектниот тим на Општина Берово активно учествуваат во работните сесии посветени на реализацијата на проектните активности, размената на искуства и добри практики, како и на планирањето на идните чекори во рамките на европскиот проект.
-Во текот на посетата, заедно со раководителот на Одделението за локален економски развој, Ѓорѓи Пеовски, остваривме средба со потпретседателот на Општина Бар, Дамир Рашкетиќ. На средбата разговаравме за можностите за воспоставување и продлабочување на соработката меѓу двете локални самоуправи, особено во областите на економскиот развој, културата и туризмот, како и за искористување на можностите што ги нудат програмите за прекугранична соработка и заедничка реализација на проекти од интерес за граѓаните, информира Ружински.
Според објавата на Ружински, потпретседателот Рашкетиќ ги презентирал развојните потенцијали на Бар, активностите за унапредување на бизнис и туристичката клима, како и успешните примери на соработка со други општини од регионот.
Ружински изразил благодарност за срдечниот прием и нагласил дека ваквите средби се особено значајни за размена на искуства, добри практики и создавање цврста основа за идни партнерства меѓу локалните самоуправи.
Во рамки на посетата, делегацијата од Берово имала можност да се запознае и со културно-историското наследство на Бар, со посебен акцент на Стариот град, кој претставува едно од најзначајните културни добра во Црна Гора.

Leave a Reply