Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, по повод завршувањето на учебната година упати честитки и пораки со поддршка до полуматурантите и мини матурантите, посакувајќи им многу успех во понатамошното образование и личен развој.
Во своето обраќање до полуматурантите, Китански истакна дека тие се на прагот на ново животно поглавје и дека претстојниот период бара посветеност, одговорност и истрајност.
– „Вие сте цветови на нашата општина. Во вас се свртени нашите очи и убедени сме дека нема да нè разочарате и таму каде што ќе го продолжите школувањето во средното образование. Наша обврска е да ве поддржуваме и да создаваме услови за да го продолжите вашето образование во нашиот град и заедно да го градиме нашето Пехчево“, порача Китански.
Тој им посака успешна иднина, што помалку искушенија и младешкиот ентузијазам да биде двигател во остварувањето на нивните цели.
Покрај честитките до полуматурантите, градоначалникот упати порака и до мини матурантите од Детската градинка „7 Септември“, кои годинава го завршуваат престојот во градинката и се подготвуваат за првиот училиштен ден.
– „Со насмевки, радост и многу убави спомени го завршувате едно прекрасно поглавје од вашето детство и го правите првиот голем чекор кон нови знаења, нови пријателства и нови успеси. Бидете љубопитни, вредни и храбри, верувајте во себе и секогаш следете ги вашите соништа“, истакна Китански.
Воедно, тој изрази благодарност до воспитувачите, негувателите и родителите за нивната љубов, грижа и посветеност во воспитувањето и развојот на најмладите.
Градоначалникот им посака на сите ученици и деца од Пехчево многу успеси, безгрижно детство и среќно чекорење кон новите животни предизвици.

Leave a Reply