ДЕЛЧЕВО – Стара книга од библиотечниот фонд на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево стана инспирација за ново и креативно дружење меѓу генерациите, поттикнувајќи ги најмладите да откријат интересно хоби далеку од мобилните телефони и екраните.
Станува збор за книгата „Рачни работи – плетење, плетење со чингелаќе, везење, шиење и други работи за спретни раце“, издадена во 1979 година, која библиотеката реши да ја промовира на поинаков и интерактивен начин.

Во соработка со Здружението на пензионери – Делчево беше организирана работилница на која искусните членки на здружението ги пренесоа своите знаења и вештини на десет девојчиња, покажувајќи им дека плетењето не е само рачна работа, туку и начин за развивање на трпение, концентрација и креативност.
Учесничките со голем интерес ги следеа упатствата и за момент ги оставија мобилните телефони, запознавајќи се со една традиционална вештина која повторно добива свое место меѓу младите.
Од библиотеката посочуваат дека преку оваа активност успешно биле споени младоста и староста, традицијата и современото време, испраќајќи порака дека книгите и знаењето немаат рок на траење, а вистинските вредности се пренесуваат од генерација на генерација.
Книгата и понатаму е достапна за изнајмување во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево и нуди бројни идеи за плетење, везење, шиење и други рачни изработки, претставени на едноставен и прегледен начин преку фотографии и објаснувања.
Од библиотеката упатија благодарност до сите девојчиња и нивните мајки кои учествуваа во работилницата, како и до Здружението на пензионери – Делчево, со желба оваа успешна соработка да продолжи и во иднина.

Leave a Reply