По само два дена од катастрофалниот пожар што целосно го уништи домот на семејството Милошовски во село Русиново, на местото каде што останаа само изгорени ѕидови денес веќе се гледа надеж. Благодарение на несебичната помош од жителите на селото, доброволци, фирми и иселеници, започна обновата на домот.
Бизнисменот и хуманитарец Благој Механџиски истакна дека Русиново уште еднаш покажало што значат солидарноста и заедништвото.
„Селаните дојдоа и дење и ноќе, без секунда одмор. Со доброволен труд и донации започнаа да го обновуваат домот на семејството. Русиновци и претходно покажаа храброст кога први се спротивставија на пожарот и не дозволија огнот да ги зафати шумите. Денес повторно покажуваат дека се едни од најхуманите и најсплотените луѓе. Ова нека биде пример не само за Македонија, туку и за нашите иселеници ширум светот – да видат кои сме биле и кои сме денес“, порача Механџиски.
Членка на семејството Милошовски, видно потресена од трагедијата, рече дека пожарот им одзел сè што со години го граделе со сопствени раце.
„Цел живот работевме и се трудевме да си создадеме дом, а за миг останавме без ништо. Штетата е огромна, но најважно е што останавме живи и здрави. Благодарни сме на сите што во најтешките моменти беа со нас и ни помогнаа“, изјави таа.
Посебна благодарност упати до Благој Механџиски, кој, како што рече, меѓу првите им притекнал на помош, како и до Игор Жежовски, бројните фирми, пилани, донатори и жители на селото.
„Благодарност до сите што помогнаа – со работа, со материјали, со донации или со поддршка. Имаме и многу наши иселеници кои се вклучија и испратија помош. Извинувам ако некого не спомнав, сè уште сме под стрес и шок. Благодарни сме на секој човек што беше покрај нас“, рече таа.
Таа нагласи дека токму солидарноста на младите од селото и на сите доброволци им дала сила повторно да веруваат дека ќе изградат нов дом.
„Поддршката што ја добивме ни даде волја повторно да продолжиме напред и повторно да создадеме дом за нашето семејство“, додаде таа.
Жителите на Русиново велат дека ова не е првпат селото да се обедини кога некое семејство ќе биде погодено од несреќа. Секој помага колку што може – некој со работа, некој со пари, некој со градежни материјали – со една единствена цел, семејството Милошовски што побрзо повторно да добие покрив над главата.
Солидарноста што деновиве ја покажаа жителите на Русиново претставува вистински пример дека во најтешките моменти човечноста, заедништвото и меѓусебната поддршка можат да помогнат побрзо да се надминат и најголемите животни трагедии.

Leave a Reply