КУД „Гоце Делчев“ Делчево со највисоки признанија на Меѓународниот фолклорен фестивал „Увежи корак“ во Јагодина

КУД „Гоце Делчев“ Делчево достојно ја претстави Република Северна Македонија на 25. Меѓународен фолклорен фестивал „Увежи корак“, кој се одржа во Јагодина, Република Србија, освојувајќи највисоки признанија и потврдувајќи го својот квалитет на меѓународната фолклорна сцена.

На фестивалот учествуваа бројни фолклорни ансамбли од Република Србија, како и ансамбли од Словачка, Романија, Полска, Бугарија и Република Северна Македонија. Во силна конкуренција, членовите на КУД „Гоце Делчев“ Делчево со своите автентични кореографии, извонредна сценска дисциплина, богата народна носија и професионални настапи ја освоија публиката и стручното жири.

Како резултат на успешното претставување, ансамблот ги освои следните престижни признанија:

• Награда за „Најдобар ансамбл“;

• Прва награда за зачувување и унапредување на македонската традиција и народна култура, доделена на уметничкиот раководител Зенил Стручни;

• Награда за најдобра играорка на фестивалот – Јована Костадиновска;

• Награда за најдобар соло настап – Јована Костадиновска и Мартин Стоименов;

• Благодарница за успешно учество на фестивалот.

Овој голем успех претставува уште една потврда за долгогодишната посветеност на КУД „Гоце Делчев“ во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонското културно наследство. Освоените признанија се резултат на многу труд, дисциплина, љубов кон фолклорот и несебичната работа на сите членови, кореографи, музичари и раководството на друштвото.

Особено значење на овој успех му дава фактот што настапот се одржа во Јагодина – град со кој Делчево негува повеќе од 45 години збратимени и пријателски односи. Токму преку културата, фолклорот и младите генерации, ова долгогодишно пријателство продолжува да се развива и зацврстува.

КУД „Гоце Делчев“ упатува искрена благодарност до организаторите на фестивалот за одличната организација и топлото гостопримство, како и до сите институции, поддржувачи, пријатели и љубители на фолклорот кои постојано ја поддржуваат работата на друштвото.

Овие награди не се само признание за КУД „Гоце Делчев“, туку се признание за Делчево, за македонската култура и за Република Северна Македонија. Тие се доказ дека македонскиот фолклор има свое заслужено место на меѓународната културна сцена и дека нашата традиција продолжува достоинствено да се пренесува и афирмира пред светот.

КУД „Гоце Делчев“ и во иднина ќе продолжи со истата посветеност да биде достоен амбасадор на македонската култура, традиција и фолклор, гордо претставувајќи ги Делчево и Република Северна Македонија на домашните и меѓународните фестивали.

КУД„Гоце Делчев“ Делчево се подготвува за следната дестинација – учество на Мегународен фестивал за култура, уметност и туризам во Чајџума покраина Зонгулдак во Република Турција.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*