Пред само неколку месеци, тениските терени во Делчево беа место кое ретко го посетуваа љубителите на овој спорт. Денес, тие се исполнети со публика, натпреварувачи и спортски дух благодарение на иницијативата на група рекреативци кои решија повторно да го оживеат тенисот во градот.
Со одобрение и поддршка од Општина Делчево, групата ентузијасти на почетокот на годината самоиницијативно започна со расчистување, уредување и со поддршка на фирмата Хидро Арт и нивниот тим и рехабилитација на двата тениски терени. Освен што ги подобрија условите за игра, тие направија и повеќе технички интервенции со цел терените повторно да станат привлечно место за деца, млади и рекреативци од сите генерации.
Во меѓувреме беше формирана и група преку која љубителите на тенисот секојдневно се договараат за рекреативни натпревари. Но, ентузијазмот не застана тука. Од идејата за заедничко играње се роди иницијативата повторно да се организира „Delcevo Open“, турнир кој и во минатото постоеше, но годинава доби сосема нова енергија и организација.
Иако пријавувањето не одеше лесно, пред сè поради големиот интерес на иселениците кои летниот одмор го минуваат во родниот крај, организаторите успеаја да оформат турнир со 16 учесници. За да добијат можност за настап што поголем број играчи, натпреварувањето беше поделено во две категории – рекреативци над 21 година и помлади тенисери.
На терените во Делчево оваа недела настапија локални тенисери, играчи од Берово и Пехчево, како и наши иселеници кои живеат во Австралија, Германија како и учесник од Делчево кој живее во Америка. Со нивното учество турнирот доби регионален, но и меѓународен карактер.
Меѓу пријавените имаше и искусни играчи кои тенис играат повеќе од една деценија, што дополнително го подигна квалитетот на натпреварите. Но, приказната која најмногу го привлече вниманието е онаа за браќата Симон и Стивен Соколов, наши иселеници од Австралија.
Пред околу петнаесет години, токму тие, заедно со нивниот брат Џони, беа дел од првите рекреативни тениски натпревари одиграни во Делчево, во период кога тенисот во градот допрва ги правеше своите први чекори. Тогаш како деца играа од љубов кон спортот, на терени кои сè уште се развиваа. Денес, петнаесет години подоцна, повторно се на истото место, но во сосема поинаква улога – како едни од главните фаворити за освојување на титулата.
Токму оваа симболика ја прави годинашната приказна посебна. Од првите рекреативни удари како деца, до можност двајца браќа повторно да се најдат на ист терен во борба за трофејот на обновениот „Delcevo Open“.
Турнирот денес влегува во полуфиналната фаза, а утре ќе се одигра големото финале, по кое е предвидено заедничко дружење на сите учесници. Без разлика кој ќе го подигне победничкиот пехар, организаторите сметаат дека најголемата победа е повторното враќање на тенисот во Делчево и создавањето на нова традиција што секоја година ќе ги собира локалните играчи, иселениците и љубителите на овој спорт.
Ако турнирот продолжи да се развива со ова темпо, „Delcevo Open“ има потенцијал да прерасне во препознатлив регионален спортски настан кој ќе го поврзува Делчево со неговите иселеници и со тениските клубови од источниот регион.

Leave a Reply