Берово од денеска до 29 август е во знакот на традицијата, музиката и малешевското гостопримство, во рамки на Етнофестивалот „Берово 2026“ и саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, организирани во пресрет и по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, заштитничка на градот.
Фестивалските денови го исполнуваат центарот на Берово со фолклор, музика, традиционална храна, рачни изработки и производи од локални производители, но и со гости од земјава и од соседството.
Меѓу гостите се и претставници од збратимената општина Брус од Србија, со која Берово има долгогодишна соработка.
„Ние доаѓаме од општина Брус, збратимена општина со Берово. Веќе пола век се дружиме, секогаш едни кај други доаѓаме. Среќен празник и ви благодарам за гостопримството и овој дочек“, порача претставникот од Брус.
Градоначалникот на Берово, Петар Ружински, посочи дека градот во овие три фестивалски денови е исполнет со гости и очекува добра посетеност и расположение.
„Берово од 27 до 29 август е домаќин на етнофестивалот ‘Малешевијата на дланка’. Берово е преполно. Тоа се едни од деновите кои Берово ги очекува. Се надевам на добра забава, добра храна и добра посета. Имаме гости од секаде“, рече Ружински.
Фестивалската програма предвидува настапи на културно-уметнички друштва, концерт на „Синтезис“ и настап на локален диџеј, а плоштадот е исполнет и со штандови на кои се претставуваат традиционални производи и ракотворби.
На саемот посетителите можат да пробаат дел од препознатливите малешевски специјалитети, меѓу кои качамак, компир салата и боденик, како и домашни производи од мед и други плодови. Посебно место имаат и традиционалните рачни изработки, плетените производи, накитот, украсите и иконите.
Дел од фестивалот е посветен и на традицијата на Ратевските бамбурци, вековниот обичај на маскирање кој годинава е впишан на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Посетителите имаат можност да ги видат карактеристичните маски и кожи, но и изложба со фотографии посветени на бамбурците.
Во обраќањето на отворањето беше истакнато дека „Малешевијата на дланка“ не е само фестивал и саем, туку место каде што повторно се среќаваат традицијата и современото творештво, а локалните производи и обичаи ја раскажуваат приказната за Малешевијата.
Градоначалникот Ружински на отворањето посочи дека зад секој изложен производ стојат човек, семејство, труд, знаење и љубов кон она што се создава.
„Кога зборуваме за поддршката на локалното производство, зборуваме и за поддршката на нашите сограѓани, на нашите семејства и на иднината на Берово“, истакна Ружински.
Тој додаде дека Општина Берово ќе продолжи да поддржува манифестации кои го промовираат градот, но и создаваат можности за локалните производители, туристичките работници, угостителите и младите.
„Нашата цел е Берово да биде место кое не се посетува само еднаш, туку место на кое гостите повторно ќе се враќаат“, порача градоначалникот.
На отворањето беа упатени благодарности до учесниците, културно-уметничките друштва, музичарите, производителите, организаторите, институциите и партнерите, како и до Министерството за култура и туризам за поддршката.
Етнофестивалот има и хуманитарен карактер, со порака дека празничната атмосфера и радоста имаат најголема вредност кога се споделуваат со оние на кои им е потребна помош.
Со тридневната програма Берово повторно ја става во преден план малешевската традиција, гастрономија, култура и гостопримство, нудејќи им на посетителите можност не само да ја видат, туку и да ја доживеат Малешевијата.

Leave a Reply