Љупчо Бубо Каров: Највредното што човек може да остави зад себе не се само делата, туку трагата што ја остава кај луѓето и во времето
Со искрена, емотивна и истовремено духовита беседа на Љупчо Бубо Каров започна промоцијата на монографијата „Скалила на успехот“, посветена на животниот и професионалниот пат на Ванчо Цонев. Пред присутните гости, пријатели, соработници и членови на семејството, Каров говореше за човекот кој, како што истакна, својот успех не го изградил само како успешен бизнисмен, туку пред сè како човек со чесност, принципи и јасен став.
Каров, на свој карактеристичен начин, вечерта ја започна со шега за точноста, нагласувајќи дека токму точноста е една од карактеристиките на „Бате Ване“, а потоа ја презеде улогата на прв говорник на промоцијата.
Во своето обраќање тој истакна дека монографијата не претставува само книга за деловните резултати на Ванчо Цонев, туку сведоштво за еден животен пат исполнет со работа, истрајност, храброст и принципи.
„Својот успех го градел со труд, истрајност и храброст, но зад деловните резултати стои нешто уште повредно – човек со чесност, со принципи и со јасен став“, порача Каров.
Според него, Цонев е човек кој растел и создавал во време кога било многу полесно да се молчи отколку да се зборува. Но, наместо да се повлекува, тој секогаш избирал да го каже своето мислење, без разлика дали тоа некому му се допаѓало или не.
Каров ја нагласи и неговата потреба постојано да поставува прашања и да бара подобри решенија.
„Во време кога многумина велат – абе, така е кај нас, он поставува прашање: а зошто е така? И не само што поставува прашање, туку секогаш бара начин како да биде подобро и да биде поинаку“, рече Каров.

Токму затоа, според него, „Скалила на успехот“ не треба да се гледа само како монографија за еден успешен бизнисмен. Таа е приказна за животен пат изграден со работа, чесност и верба дека успехот има вистинска смисла само тогаш кога зад него стои човек со интегритет и одговорност.
Каров посебно се осврна на значењето на човечката трага.
„Највредното што човек може да остави зад себе не се само делата што ги создал, туку трагата што ја остава кај луѓето и трагата што ја остава во времето“, истакна тој.
Тој посака монографијата да биде токму таква трага – сведоштво за еден живот, но и потсетник дека чесноста не е слабост, храброста не е наивност и дека промените секогаш започнуваат од луѓето кои не се помируваат со неправдите.
Во еден од најемотивните моменти од своето обраќање, Љупчо Бубо Каров најави дека ќе му додели лично признание на Ванчо Цонев – признание кое го нарече „Витез на здраворазумниот отпор“.

Каров објасни дека Цонев го доживува не само како другар и пријател, туку и како животен соборец, а признанието претставува негово лично оддавање почит кон човекот кој, според него, со својот став и начинот на делување оставил значајна трага.
По ова емотивно обраќање, продолжи промоцијата на монографијата, која е резултат на повеќемесечна работа, истражување и собирање сведоштва за животот и делото на Ванчо Цонев.
Авторите и соработниците на книгата посочија дека во текот на подготовката биле направени бројни интервјуа, преку кои се реконструирани различни периоди од неговиот живот – од детството и младоста, преку првите професионални чекори, до развојот на неговата деловна кариера.
Посебно место во приказната има и неговата младост, кога Ванчо Цонев бил познат како голем фудбалски талент. Во разговорите со луѓето кои го познавале од тој период, често се повторувала споредбата со легендарниот Пеле, па така и прекарот „Ванчо Цонев Пеле“ станал дел од неговата животна приказна.
Самата монографија, како што беше истакнато на промоцијата, не е составена само од бројки, датуми и деловни податоци. Во неа има семејство, пријателства, соработници, ризици, одлуки, успеси, разочарувања и моменти во кои било неопходно повторно да се започне.
Во обраќањето на Ванчо Цонев, насловот „Скалила на успехот“ доби и своја подлабока симболика. Тој посочи дека успехот не е скала која има краен врв, туку повеќе личи на планина без врв. Некои скалила се лесни, други тешки, некогаш човек се движи со сигурност, а некогаш со страв и неизвесност. Но, најважно е по сопнувањето повторно да продолжи.

Цонев говореше за своите почетоци, за периодите на неизвесност, за деловните одлуки и за луѓето кои биле дел од неговиот пат. Посебно место во неговото обраќање имаше семејството, но и сите соработници, пријатели и луѓе од кои, како што рече, научил нешто.
„Оваа книга, иако го носи моето име, во еден дел е и ваша книга“, порача Цонев, обраќајќи им се на присутните.
Тој нагласи дека не сака монографијата да се гледа како приказна за човек кој стигнал до врвот, бидејќи, според него, секое достигнување отвора ново прашање, а секој успех носи нова одговорност.
Во текот на промоцијата беа споделени и сведоштва од луѓе кои со Ванчо Цонев соработувале низ годините. Меѓу нив беше и сведоштвото на неговиот долгогодишен деловен партнер Марк, кој го опиша Цонев како фер, сигурен и директен партнер, но особено го истакна неговиот интегритет и начинот на кој ги градел односите со луѓето.
Според сведоштвото, партнерството се темелело на доверба и почит, а деловната соработка со текот на времето прераснала и во пријателство.

На промоцијата беа споделени и приказни од периодот на „Партизанка“ во Делчево – компанијата која Цонев ја презел во исклучително тешка финансиска и организациска состојба. Во сведоштвата се говореше за големите предизвици со кои се соочил, но и за неговата упорност да ја стабилизира и развие компанијата.
Во разговорот со присутните, Цонев како еден од клучните зборови што го определуваат неговиот пат го издвои зборот упорност.
Говорејќи за своето потекло, тој порача дека не е пресудно од каде човек започнува, туку каков човек е и колку е подготвен да се залага.
Во неговата приказна значајно место имаат и патувањата низ Европа и светот, особено искуствата од Германија, каде што, како што посочи, ја прифатил дисциплината, редот и работните навики кои подоцна му помогнале во градењето на сопствениот деловен модел.
Една од посебните приказни е поврзана со патувањето во Варшава, каде што го видел она што претходно го замислувал како сон – модерна фабрика која еден ден сакал да ја создаде во Делчево. Токму од таа визија, како што беше раскажано, започнал патот кон реализацијата на идејата за создавање современ производствен капацитет во родниот град.
Во разговорот неизбежно се отворија и прашања за политиката, за одлуките од минатото и за односот меѓу успешниот бизнис и општествената одговорност.
Цонев отворено говореше и за сопствените одлуки, признавајќи дека дел од нив денес можеби би ги разгледал поинаку. Но, неговата порака беше дека општеството мора да создава систем со јасни критериуми во кој квалитетните луѓе ќе можат да дојдат до израз.
Тој испрати и порака до младите успешни луѓе да не се дистанцираат од општествените процеси, бидејќи, како што беше нагласено во разговорот, повлекувањето на способните остава простор одлуките да ги носат луѓе без доволен капацитет.
Посебен момент беше прашањето што би му кажал денешниот Ванчо на оној млад човек кој пред години нижел тутун, копал и носел малтер.
Одговорот беше едноставен – да не се срами од тешката работа.
Токму тие искуства, според Цонев, го направиле посилен и покомплетен човек.
„Тоа е добра школа. Преку тешките работи поквалитетно се зрее“, порача тој.
На крајот од разговорот, на прашањето која е скалата што сè уште не ја искачил, Цонев ја издвои мудроста – нешто кон кое, како што рече, сè уште се стреми.
Промоцијата на „Скалила на успехот“ така прерасна во повеќе од претставување на една книга. Таа беше средба на пријатели, соработници и луѓе кои на различни начини биле дел од животниот и професионалниот пат на Ванчо Цонев.
Приказната што вечерва беше споделена пред присутните не е само приказна за деловен успех. Таа е приказна за упорноста, за падовите и повторните почетоци, за семејството, пријателствата, ризиците, одлуките и за луѓето кои остануваат зад секој голем животен резултат.
А можеби токму затоа и насловот „Скалила на успехот“ најдобро ја опишува суштината на монографијата – бидејќи патот кон успехот никогаш не е една права линија. Тој е составен од бројни скалила, од полесни и потешки чекори, од падови и повторни искачувања, но пред сè од луѓето и вредностите што остануваат како трага зад нас.

Leave a Reply