Од нов почеток во Германија до финансиски советник – приказната на Сандра Петровска


Сандра, за почеток, како започна твојата приказна во Германија?

Во Германија дојдов во 2021 година, веднаш по завршувањето на моите студии во Софија, Бугарија. Одлуката да заминам не беше лесна, но во тој момент едноставно не гледав некоја поголема перспектива и иднина за себе во Делчево, а ниту генерално во Македонија. Сакав да пробам нешто ново, да создадам подобри услови за себе и да изградам некаква иднина. Секако, секој почеток е тежок. За мене тој период беше навистина голем предизвик. Сè беше ново – нови луѓе, нови навики, нова средина, ново општество. Требаше од почеток да се снаоѓам и да го најдам своето место. Тоа е период кој никогаш нема да го заборавам.

Како изгледаа твоите први работни искуства во Германија?

На почетокот работев во еден магацин за книги. Потоа се преселив во Штутгарт, каде што започнав да работам во фабрика во производство. Таму поминав цели три години. Тоа беше едно важно искуство за мене, затоа што преку таа работа научив многу работи – пред сè дисциплина, одговорност и истрајност. Но, иако работев и имав сигурност, во последната година почнав да чувствувам дека нешто ми недостасува.

Што ти недостасуваше?

Се чувствував празно и неисполнето. Имав чувство дека немам вистинска цел кон која се движам. И тогаш сфатив дека морам нешто да променам во мојот живот. Си реков: „Сандра, ти мораш нешто да промениш во твојот живот.“
Не сакав да се вратам назад во Македонија, иако и тоа го имав како опција. Но, во себе знаев дека сакам да останам во Германија и да изградам нешто свое. Ми требаше работа која ќе ме исполнува, ќе ме мотивира и во која ќе чувствувам дека правам нешто со вистинска цел.

И тогаш дојде одлуката да започнеш како финансиски советник?

Токму така. Тоа беше една од одлуките што го променија мојот живот.
Сакав да работам со луѓе, да комуницирам, да бидам во контакт со различни луѓе и, пред сè, да можам да им помогнам. Финансиското советување ми даде можност токму за тоа – да им помагам на луѓето подобро да ги организираат своите финансии и да работат на остварување на своите цели, без разлика дали станува збор за осигурување, кредити, штедење, инвестиции или долгорочно финансиско планирање.

Како беше да започнеш од почеток во една сосема нова професија?
Како и секој почеток – тешко. Но, верувам дека ништо вредно не се постигнува преку ноќ. Потребни се труд, посветеност и дисциплина. Најважно е човек да верува во себе и да не се плаши да направи чекор напред. Јас токму тоа го направив. Направив чекор напред, иако не знаев точно каде ќе ме однесе тој пат.

Какви луѓе претежно ти се клиенти?

Претежно работам со наши луѓе од Балканот кои живеат во Германија. Тоа ми е особено драго, бидејќи и самата поминав низ процесот на доаѓање во Германија и знам колку на почетокот може да биде тешко да се снајдеш во нова држава, со нов систем, јазик и многу нови обврски. Најчесто луѓето ми се обраќаат кога имаат прашања поврзани со осигурувања, кредити, штедење, инвестиции или едноставно сакаат подобро да ги организираат своите финансии и да направат план за иднината. Мене лично ми значи тоа што можам да им помогнам на нашите луѓе овде, да им објаснам на разбирлив начин што им е потребно и да им помогнам полесно да донесат одлуки.

Што би им порачала на нашите луѓе кои живеат во Германија?

Би им кажала да не се плашат да прашаат и да побараат совет. Многу работи во Германија се поврзани со финансии – од осигурувања и кредити, па сè до штедење, инвестиции и обезбедување на иднината. Не мора човек сè да знае сам. Понекогаш е доволно само да праша и да добие правилно објаснување. За сите наши луѓе кои живеат и работат во Германија, а имаат прашања или им е потребна помош околу своите финансии, слободно можете да ме контактирате.
Дали станува збор за осигурувања, кредити, штедење, инвестиции, пензиско обезбедување или финансиско планирање, тука сум да ве сослушам, да ви објаснам и заедно да го разгледаме најсоодветното решение според вашите потреби и цели.
Животот во Германија носи многу обврски и знам дека не секогаш е лесно човек да се снајде во системот. Затоа, доколку имате прашање, ви треба консултација или едноставно сакате да дознаете повеќе – слободно контактирајте ме. Тука сум за сите наши луѓе.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*