Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево, покрај својата основна дејност за промоција на книгата и читањето, преку бројни активности се труди да создаде пријатна атмосфера за сите свои посетители, особено за најмладите.
Од библиотеката посочуваат дека секојдневно ги посетуваат голем број љубопитни и насмеани деца, кои покрај можноста да се дружат со книгите и да учествуваат во различни активности, заминуваат и со мало симболично подароче. Внимание се посветува и на возрасните граѓани, членови на библиотеката и учесници во нејзините настани.
И покрај ограничените финансиски средства, библиотеката со многу посветеност и креативност се обидува да ги обезбеди овие мали знаци на внимание. Во изминатите години низ нејзините простории поминале илјадници деца, а годишно се реализираат околу 90 активности во кои се вклучени ученици, деца од предучилишна возраст и возрасни граѓани.
Од ЈЛБ „Илинден“ посебна благодарност упатуваат до локалните компании „Алпин Кон“, „Брегал ДОО“, „Јанковски Дизајн“ и „Фротирка“, кои со својата поддршка и донации придонеле најмладите посетители да добијат подароци и дополнителна причина за радост.
„Особено е убаво кога локалните компании препознаваат дека вложувањето во децата, нивната радост и детските насмевки е вложување во заедницата и во иднината. Можеби подароците или донациите се мали, но гестот е голем, а детската радост што ја создаваат е бесценета“, истакнуваат од библиотеката.
Оттаму додаваат дека секоја поддршка има значење и претставува поттик за продолжување на активностите со кои библиотеката не е само место каде што се доаѓа по книга, туку и простор за дружење, учење, креативност и создавање убави спомени.
Со ограничени финансиски средства, но со многу љубов, посветеност и поддршка од општествено одговорните компании, ЈЛБ „Илинден“ продолжува да создава место во кое децата со радост доаѓаат, а од кое заминуваат со насмевка.

Leave a Reply