Во Пехчево одбележан Светскиот ден на мажите и машкото здравје

Под мотото „Зад секој маж стои една приказна“, во библиотеката „Кочо Рацин“ се одржа средба посветена на машкото здравје, меѓусебната почит и значењето на грижата за сопственото здравје.

Во просториите на библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево вечерва се одржа тематска средба под мотото „Зад секој маж стои една приказна“, посветена на одбележувањето на 19 Ноември – Светскиот ден на мажите и машкото здравје.

На настанот учествуваа читатели, соработници, советници, членови на Управниот одбор и пријатели на библиотеката, кои преку дружење и разговор дадоа свој придонес во одбележувањето на овој ден.

Модератор на вечерта беше библиотекарката Габриела Костадинова, која ги запозна присутните со значењето на Светскиот ден на мажите. За важноста на превенцијата и грижата за машкото здравје говореше доктор Нада Симовска, која од медицински аспект се осврна на ракот на простата, ракот на тестисите, менталното здравје и други здравствени состојби карактеристични за машката популација.

Преку вакви средби се испраќа порака за важноста на редовните здравствени прегледи, навременото препознавање на симптомите и отворениот разговор за здравствените предизвици со кои се соочуваат мажите.„Преку дружење, разговор и хумор сакаме да потсетиме дека вистинската машкост не се мери само со сила, туку и со добрина, почит, одговорност и човечност.

Нека оваа вечер биде во знакот на насмевките, убавите мисли и доброто расположение“, истакна Габриела Костадинова.

Настанот помина во пријатна атмосфера, со порака дека грижата за здравјето, меѓусебната поддршка и отворената комуникација се важни за секого.Среќен Светски ден на мажите!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*