Четири деца од семејството Бурнс државни прваци, Македонска Каменица испиша шаховска историја

Македонска Каменица, 23 ноември 2026 – Четири деца од семејството Бурнс освоија први места во своите возрасни категории на првото Државно првенство на Македонија во забрзан шах за деца и млади, кое на 22 ноември се одржа во мотелот „Мерак“ во Македонска Каменица. На првенството учествуваа околу 120 млади шахисти од повеќе шаховски клубови од државата, меѓу кои и две деца од Делчево.

Михаел Бурнс го освои првото место во машка конкуренција до 18 години и титулата севкупен шампион на Македонија во оваа категорија. Елисавета Бурнс беше прва во женска конкуренција до 16 години, Кајла Бурнс го освои првото место во категоријата до 14 години, додека Џошуа Бенџамин Бурнс беше најдобар во машка конкуренција до 10 години и севкупен шампион на Македонија во својата категорија.

Михаел и Џошуа Бенџамин настапија за ШК „Капабланка“ од Скопје, додека Елисавета и Кајла беа дел од ШК „Гамбит Асеко“ од Скопје.

Во машка конкуренција, државни прваци во своите возрасни категории станаа и Андреј Божиновски од ШК „Алкалоид“ до 16 години, Даниел Стефановски од ШК „Капабланка“ до 14 години и Јован Вукашиновиќ од ШК „Алкалоид“ до 12 години. Во категоријата до 8 години прв беше Дино Ашковски, самостоен натпреварувач.

Во женска конкуренција, титулата до 18 години ја освои Теодора Ѓорѓиеска од ШК „Прилеп“, до 12 години Дина Панова, а до 10 години Христина Спирокоска, двете како самостојни натпреварувачки. Во најмладата категорија до 8 години прва беше Ева Цоцовска од ШК „64“ од Берово.

Домаќин на првенството беше Шаховскиот клуб „Каменица Саса“, а организатор Шаховската федерација на Македонија. Од домашниот клуб информираа дека на натпреварувањето учествувале и 24 нивни млади шахисти, кои постигнале добри резултати и освоиле први рејтинг-поени.

Настанот беше отворен од градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, која истакна дека шахот има значајна улога во развојот на логичкото размислување, концентрацијата, трпението и способноста за донесување одлуки кај децата. Таа изрази задоволство што општината е домаќин на првото вакво државно првенство и им честиташе на младите учесници за постигнатите резултати.

Посебно внимание привлече успехот на семејството Бурнс, чии четири млади шахисти освоија државни титули. Стаменкова оцени дека нивниот успех е пример за значењето на семејната поддршка, посветеноста и љубовта кон спортот.

Од ШК „Каменица Саса“ упатија благодарност до Општина Македонска Каменица, Рудникот „Саса“, Шаховската федерација на Македонија и мотелот „Мерак“ за поддршката, како и до членовите на клубот и судиите Зоран Стојчевски, Орце Органџиев и Воислав Мерџановски за придонесот во организацијата и реализацијата на првенството.

Од клубот најавија дека планираат следното издание на турнирот да добие меѓународен карактер, оценувајќи дека Македонска Каменица покажа капацитет за организација на големи шаховски натпреварувања.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*