Видео: Македонската заедница во Италија ја одбележа храмовата слава Свети Архангел Михаил во Неиве

Со присуство на бројни верници, претставници на локалните власти и гости, македонската православна црковна општина „Архангел Михаил“ од Неиве ја одбележа 21-годишнината од своето постоење, а за празничната трпеза се погрижија македонски волонтери кои подготвија ручек за околу 700 гости.

Македонската православна црковна општина „Архангел Михаил“ во италијанскиот град Неиве во саботата, 21 ноември, ја одбележа храмовата слава посветена на Светиот Архангел Михаил, кој е и заштитник на градот.

Одбележувањето се одржа во присуство на бројни верници, пријатели на македонската заедница и претставници на локалните институции. На вечерната богослужба и на Божествената литургија присуствуваше голем број верници, а празничниот настан го одбележа и присуството на католичкиот владика Марко, кој упати честитки по повод празникот, како потврда за добрата соработка и братските односи меѓу православната и католичката црква.

На чествувањето присуствуваа и претставници на италијанските власти, меѓу кои градоначалникот Паоло Пичинели, заменичката градоначалничка Луиза Бофа, општинската советничка Силвана Трајановска, како и припадници на карабинерите.

Посебен акцент во одбележувањето беше ставен на ангажманот на македонските волонтери, кои подготвија традиционален македонски ручек за околу 700 гости. Организацијата, подготовката на храната, послужувањето и уредувањето на салата биле резултат на заедничкиот труд на бројни членови на македонската заедница.

Меѓу ангажираните во подготовката на празничната трпеза биле главниот готвач Орце Митров, поранешен градоначалник на Облешево, како и Далибор Стамениковски и Бобан Пауновски. Во организацијата и послужувањето учествувале и Мартин Лазаров, Ристе Гоцев, Драган Ристов, Јован Трајков, Коле Андонов, Зоран Андонов, Мануел Мирчев, Цанко Стојковски, Гоце Стојнов, Ристе Георгиев, Сашо Цветановски, Дејан Ристов и Горан Иванов.

Значаен придонес дале и жените од македонската заедница, меѓу кои Катерина Синадинова, Драгица Ѓеоргиева, Виолета Игнатовска и Васка Веселинова, кои се погрижиле за подготовката и уредувањето на празничната трпеза.

Во објавата, генералниот конзул на Македонија во Венеција, Фросина Ременски, упати благодарност до свештеникот Михајло Матевски, црковниот одбор и сите волонтери за нивниот придонес во организацијата на прославата. Таа ја истакна важноста од зачувувањето на македонскиот јазик, културата и идентитетот меѓу иселениците, особено кај помладите генерации.

Паоло Пичинели (Paolo Piccinelli), актуелниот градоначалник на живописното италијанско гратче Неиве во регионот Пиемонте е човек со богата професионална и животна биографија — пензиониран генерал на Карабинерите, правник, новинар и криминолог. Од самиот почеток на својот мандат, тој се истакнува како искрен поддржувач, отворен соработник и голем пријател на Македонците кои живеат и работат во овој крај. Во неговиот тим во локалната самоуправа партиципира и советничката од македонско потекло, Силвана Трајановска која несебично помага на нашата заедница, а самиот Пичинели неодамна оствари и официјална посета на повеќе општини во Македонија (меѓу кои Делчево, Македонска Каменица, Кочани, Кавадарци и Неготино), со што уште еднаш ја потврди својата посветеност на градење мостови на пријателство меѓу двата народа.

„Да се интегрираме, но да не се асимилираме“, е пораката на владиката Пимен, цитирана во нејзината објава, со повик македонската заедница и во иднина да го негува заедништвото и да го одржува духовното и културното поврзување со татковината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*