Согласно со програмата за чистење на дивите депонии, општина Делчево заедно со Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“, пристапија кон пролетно чистење на дивите депонии. Денес се работи на расчистување на дивата депонија кај Попов Мост, а согласно со планот, ќе се чистат и останатите критични локации во Општината, детектирани од општинскиот инспекторат.
Во планот за чистење се и дивите депонии кај „Очипалска Река“, депонијата на „Градската Река“, долниот мост на реката Брегалница во Делчево, депонијата „Ралова Чука“, депонијата која е создадена на патот кон градската депонија, како и други критични места кои ја загадуваат животната средина и оддаваат лоша слика за општината.

Од општинскиот инспекторат појаснуваат дека по расчистувањето на депониите, ќе бидат воведени засилени 24 часовни контроли кои ќе ги спроведуваат инспектори и редари како и полициски службеници кои имаат надлежност по Законот за јавна чистота. За сите несовесни граѓани кои ќе продолжат со депонирање на отпадот на локации кои не се предвидени за депонирање отпад, ќе бидат изрекувани мандатни казни согласно со Законот за јавна чистота кои изнесуваат од 50 до 200 евра.

Во моментот во Делчево најкритична е повторно состојбата со депонијата Ралева Чука кај село Очипала. Оваа депонија е исклучиво наменета за депонирање градежен шут и со тоа не е дозволено депонирање на каков било друг комунален отпад. Со цел да се стави ред на оваа депонија, по расчистувањето, според најавите депонијата ќе биде и оградена. Од општина Делчево уште еднаш апелираат за свесност на граѓаните и за почитување на животната средина со цел да се превенираат здравствени проблеми, но и да се придонесе кон модерен и урбан изглед на Делчево.


Leave a Reply