На повеќе локации во Пијанец се слави Ѓурѓовден

Пред дворовите во трите цркви кои го носат името ,,Св.Ѓорѓи” денес православните христијани го одбележуваат празникот Ѓурѓовден. Со цел заштита на населението од Ковид-19, одбележувањето се одвива со почитување на препораките на Министерството за здравство.

-Во Делчевско три цркви го носат името на ,,Св.Ѓорѓи”. Тоа се црквите во село Град, малата црква (манастир) во село Вирче и црквата во село Киселица. На оние места каде се служи црковен ручек церемонијата се одвива со почитување на препораките на надлежните. Ручекот се поделува на граѓаните и заради избегнување гужви се носи дома. На тој начин сметаме дека целосно ќе се заштити населението од несакани ситуации, велат делчевските свештеници.

Денес за прв пат се организира празнична свеченост и кај местото ,,Скокот”, во село Габрово каде се врши осветување на извор за чија вода се смета дека е лековита.

-Иницијативата е на неколку наши соселани кои направија убава чешма за да може да се користи водата. За луѓето денес е обезбеден ручек кој поради одбегнување поголеми собирања им се дава на присутните и се носи дома. Да се надеваме дека оваа Света вода во иднина ќе биде посетувана од голем број граѓани, велат мештани од село Габрово.

Пијанец е познато како крај во кој редовно се почитува ваквата традиција за поголемите празници, чии масовни собири поради присуството на Ковид-19 во најголем дел беа одложени.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*