Џорџевиќ: Да ги преиспитаме околностите под кои некој се обвинува за грев!

Пишува Милан Џорџевич:

Пред да почнеме по социјалните мрежи да негодуваме како некој е „грешен човек“ – потребно е прво да ги испитаме околностите под кој некој се обвинува за грев. Тоа е една од поуките што можеме да ги извлечеме од евангелската историја за даночникот Закхеј (Лука 19,1-10). Оној што обвинува секогаш ќе ги постави така работите што ќе изгледа дека обвинетиот е апсолутно виновен. Но, не можеме да се водиме само од обвинението – туку требаме да ја сослушаме и другата страна, бидејќи и таа има да каже нешто.

Навистина, Закхеј бил грешник – но она што Господ го видел кај него, а што другите не можеле да го видат, било неговото детско срце и покајанието (преумувањето) што произлегло од тоа срце. Слично било и при неправедното судење Христово – толпата викала „Распни го, распни“ (Јован 19,6), не затоа што сите насобрани биле лоши, туку затоа што мнозина се повеле од обвиненијата против Господа, без да се запрашаат дали се тие основани. Затоа, никако не треба да се брза со давањето суд. А токму тоа го правиме многу често, особено на социјалните мрежи.

Последна случка е обвинението против беровските сточари од страна на здружението „Анима мунди“. Мнозина со своите коментари по социјалните мрежи зедоа активно учество во медиумскиот линч врз луѓето прикажани на видео снимката, без воопшто да ги преиспитаат обвинувањата.

Меѓу другото, здружението бара „итно покренување дисциплинска постапка од страна на агенцијата за храна и ветеринарство против инспекторот од ПЕ Берово (кој се гледа на снимката) и негово трајно отстранување од вршење на службена должност во институцијата“. Ваквото однесување е чисто инквизиторско, особено поради тоа што мотивите зад обвинувањата се втемелени врз незнаење и идеолошки уверувања. Имено, никој не зема предвид дека истите тие луѓе на снимката целите свои животи ги поминале со животните, се грижат за нив и им обезбедуваат храна токму на оние оние што сега им ги бараат главите на послужавник.

Но, треба да признаеме дека ние што живееме во град (особено во Скопје) немаме никаква идеја како функционира селскиот живот, како изгледа една сточарска фарма, како се живее „во тој свет“. Знаеме да уживаме во благодетите што ни доаѓаат од таму, но истовремено сакаме да се гадиме од тие луѓе, од нивните адети и од нивното однесување. Тоа не е ништо друго до фарисејско лицемерие. Уште потешко е човек да посака да учи од некого за кого смета дека е помалку вреден и достоен од него – но токму во тоа е поентата на Евангелието.

Не случајно проповедниците на Словото Божјо се именуваат како „пастири“ – како прости и обични луѓе што во дивина чуваат добиток. Впрочем, како си ги замислуваме ние пастирите што се удостојуваат да присуствуваат на Рождеството Христово? Како некои фини и воспитани момци? Напротив. Погледнете го цртаниот филм за Рождество од Михаил Алдашин. Ете ги таму пастирите, „прости“ луѓе без „манири“ што најголемиот дел од времето го поминуваат со својот добиток.

Ниту можеме, ниту, пак, треба нашите градски стандарди и претстави за хуманоста да им ги наметнеме ним. Уверен сум дека тие луѓе се далеку похумани од оние што без око да им трепне колнат сѐ до девето колено кога ќе видат врзано животно на Фејсбујк. Уште помалку можеме на овие луѓе да им наметнеме некаков сектантски однос кон животните, според кое овците и козите треба да се третираат како да се луѓе. Не се и не може да бидат.

Ете така, им посакувам беровските пастири, на нивните блиски и на оние што се грижат за нивната стока сѐ најдобро, а ова искушение да го искористат за арно – затоа што секој има за што да се преуми и покае, за да стане подобар и подостоен пред лицето на праведниот Судија, нашиот Гопод Исус Христос. Впрочем, примерот со светиот апостол Закхеј тоа на прекрасен начин ни го покажува.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*